Познат идентитетот на мажот застрелан при упад во имотот на Трамп во Флорида

21-годишник од Северна Каролина бил застрелан откако влегол во обезбедениот периметар со сачмарка и канистер со гориво
Screenshot: YouTube

Американската Тајна служба застрела и уби вооружен маж кој незаконски влегол во обезбедениот периметар на имотот Mar-a-Lago на претседателот Доналд Трамп во Флорида. ФБИ ја презеде истрагата, а надлежните соопштија дека станува збор за 21-годишниот Остин Т. Мартин од Северна Каролина.

Инцидентот се случил во Вест Палм Бич. Според шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо, лицето околу 1:30 часот по локално време влегло во внатрешниот периметар на комплексот. На местото реагирале заменик-шериф и двајца агенти на Тајната служба.

Бредшо изјави дека на мажот му било наредено да ги испушти предметите што ги носел – канистер со гориво и сачмарка. Тој го спуштил канистерот, но ја подигнал сачмарката во позиција за пукање, по што службениците отвориле оган и го усмртиле на местото на настанот.

Според надлежните, во моментот на инцидентот Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија биле во Вашингтон. Тајната служба соопшти дека агентите кои учествувале во инцидентот ќе бидат ставени на административно отсуство до завршување на истрагата, во согласност со процедурите.

ФБИ соопшти дека вложува сите потребни ресурси во истрагата и повика граѓаните од околината да ги прегледаат своите надзорни камери и да достават евентуални информации. Според изјавите на претставник на Тајната служба, семејството на младиот маж го пријавило како исчезнат неколку дена претходно.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека разговарал со претседателот Трамп и дека тој и неговото семејство се безбедни. Во своето обраќање, Бесент го осуди политичкото насилство и повика на негово запирање.

Истрагата ја води ФБИ во координација со Тајната служба и локалните власти. Дополнителни информации се очекуваат по завршување на увидот и обработката на доказите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни