Идентификувани жртвите од пукањето на американски универзитет, напаѓачот сè уште е во бегство

Интензивната потрага по напаѓачот кој во саботата уби две лица и рани девет студенти на Универзитетот „Браун“ во американската сојузна држава Род Ајленд сè уште трае, откако лицето што првично беше приведено како „лице од интерес“ е пуштено на слобода поради недостиг на докази, објави Би-Би-Си.

На прес-конференција одржана во неделата навечер, државниот обвинител на Род Ајленд, Питер Неронха, изјави дека „нема основа“ приведеното лице и понатаму да се смета за осомничено и дека доказите „сега упатуваат во друг правец“. Началникот на полицијата во Провиденс, Оскар Перез, потврди дека истражителите не веруваат оти лицето кое беше пуштено е истото што се гледа на снимката од надзорните камери, објавена на денот на нападот. На видеото се забележува осомничен облечен во црно како го напушта местото на злосторството.

„Исклучувањето на одредени можности не е грешка, туку дел од начинот на кој функционираат истрагите“, изјави Перез, додавајќи дека засега не се открива зошто лицето првично било приведено. Претходно, директорот на ФБИ, Каш Пател, соопшти дека лицето од интерес било уапсено во хотел во градот Ковентри, по дојава од полицијата во Провиденс.

Нападот се случил во саботата околу 16 часот по локално време, кога вооружено лице отворило оган во зградата за машинство „Холи“ на источниот дел од универзитетскиот кампус. Претседателката на Универзитетот „Браун“, Кристина Паксон, потврди дека сите жртви и загинатите и повредените биле студенти.

Градоначалникот на Провиденс, Брет Смајли, изјави дека една од повредените лица е во критична состојба, седуммина се стабилни, а едно лице веќе е пуштено од болница. Идентитетите на жртвите во најголем дел сè уште не се јавно објавени, но директорот на приватната школа „Дурхам академи“ во Северна Каролина потврди дека поранешна ученичка на училиштето, Кендал Тарнер, е меѓу повредените.

Претседателката Паксон изјави дека на семејствата на двајцата загинати студенти им се обезбедува целосна поддршка. Таа информираше и дека делови од кампусот остануваат затворени поради истрагата, како и дека околу 2.000 студенти биле привремено префрлени на безбедни локации, заблагодарувајќи им се на студентите и жителите кои понудиле сместување.

Во неделата вечерта беше одржано и бдение во чест на жртвите. Од Белата куќа се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази надеж за брзо закрепнување на повредените студенти и упати сочувство до семејствата на загинатите.

Овој напад на престижниот универзитет го зголеми бројот на масовни пукања во САД годинава на 389, според податоците на Архивата за оружено насилство, која како масовна пукање го дефинира секој инцидент во кој се убиени или ранети четири или повеќе лица, без да се смета напаѓачот.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни