Идентификувани сите 40 жртви од трагедијата во Швајцарија

Швајцарската полиција ги идентификуваше сите 40 загинати во пожарот во ноќниот клуб во Кран-Монтана. Повеќето жртви се млади лица, меѓу нив и малолетници.

Швајцарската полиција ги идентификуваше сите 40 лица кои загинаа во пожарот што избувна во новогодишната ноќ во ноќниот клуб Le Constellation во скијачкиот центар Кран-Монтана, соопштија властите на кантонот Вале. Државното обвинителство потврди дека пожарот бил предизвикан од употреба на пиротехнички фонтани во внатрешноста на објектот.

40 загинати, претежно млади лица

Според досега утврдените податоци, меѓу загинатите има и шест италијански државјани, а мнозинството жртви се млади лица, вклучувајќи и поголем број малолетници. Пожарот избувнал за време на новогодишната прослава, а огнот, според наводите на истражителите, многу брзо се проширил низ затворениот простор, создавајќи густ чад и паника меѓу посетителите.

Кантоналната полиција соопшти дека се идентификувани и последните 16 жртви, со што е завршен процесот на идентификација на сите загинати. Меѓу нив се три швајцарски државјанки на возраст од 15, 15 и 22 години, 24-годишна девојка со двојно швајцарско-француско државјанство, тројца италијански државјани на возраст од 15 и 16 години, 22-годишна државјанка на Португалија, 17-годишна државјанка на Белгија, шест француски државјани на возраст од 14 до 33 години, како и 15-годишно момче со француско, израелско и британско државјанство.

Државното обвинителство наведува дека истрагата продолжува со цел да се утврдат сите околности на трагедијата, вклучително и начинот на организација на прославата и почитувањето на безбедносните прописи во објектот. Трагедијата во Кран-Монтана е една од најсмртоносните несреќи во затворен простор во поновата историја на Швајцарија, а во повеќе градови се одржуваат комеморации во чест на загинатите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни