Швајцарската полиција ги идентификувала првите четири жртви од катастрофалниот пожар што избувна во бар во познатиот скијачки центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ. Во трагедијата загинаа 40 лица, а 119 се повредени. Станува збор за две Швајцарки, на возраст од 21 и 16 години, и двајца Швајцарски мажи, на возраст од 18 и 16 години, а нивните тела се предадени на нивните семејства, јавува Би- Би-Си .
Болната идентификација продолжува.
Кантоналната полиција на Вале објави дека сложениот процес на идентификација е овозможен благодарение на интензивната работа на полицајците и Институтот за судска медицина. Работата за утврдување на идентитетот на преостанатите жртви продолжува, додека семејствата се соочуваат со мачно чекање за какви било информации за нивните најблиски кои сè уште се водат како исчезнати.
Според резултатите од прелиминарната истрага, најверојатна причина за пожарот биле прскалките на шишињата шампањ кои биле донесени премногу блиску до таванот на барот „Ле Констелејшн“ за време на новогодишната прослава, а кои содржеле запалив материјал.
Швајцарскиот претседател Ги Пармелин го нарече настанот „една од најлошите трагедии“ што земјата некогаш ги доживеала. Детали за идентификуваните жртви, вклучително и нивните имиња, сè уште не се објавени.
Млад голфер од Италија претходно беше споменат како прва именувана жртва, но неговата смрт сè уште не е официјално потврдена од швајцарските и италијанските власти.
