Италија: Американската ICE без полициски овластувања за Олимпијадата 2026

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози порача дека јавниот ред и безбедноста за ЗОИ Милано–Кортина 2026 ќе ги обезбедуваат исклучиво италијанските безбедносни служби.

Американската Агенција за имиграција и царина (ICE) нема да спроведува никакви оперативни полициски активности на територијата на Италија, вклучително и за време на Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози.

Министерот Пјантедози ова го соопшти за време на брифинг во италијанскиот Парламент, нагласувајќи дека прашањата поврзани со јавната безбедност и одржувањето на редот се исклучива надлежност на италијанските полициски и безбедносни сили.

„Американската агенција ICE не е и никогаш нема да биде во позиција да спроведува оперативни полициски активности на нашата национална територија. Јавниот ред и безбедноста ги гарантираат исклучиво италијанските безбедносни служби“, изјави Пјантедози, пренесе италијанската агенција Ansa.

Тој појасни дека евентуалното присуство на претставници на ICE за време на Олимписките игри ќе биде ограничено исклучиво на анализа и размена на информации со италијанските власти, без какви било извршни или полициски овластувања.

Според министерот, ваквата соработка не претставува еднострана иницијатива, туку е дел од меѓународен договор за безбедносна координација, кој е целосно усогласен со италијанскиот Устав и со надлежностите на Парламентот.

Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026 ќе се одржат во февруари 2026 година и се сметаат за еден од најголемите безбедносни предизвици за Италија во последната деценија, поради очекуваниот голем број странски посетители и официјални делегации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни