Американски агент на Службата за имиграција и царина (ICE) бил спречен да влезе во конзулатот на Еквадор во Минеаполис, откако вработените во дипломатската мисија одбиле да му дозволат пристап, соопшти Министерството за надворешни работи на Еквадор.
Инцидентот се случил кога агентот се обидел да влезе во просториите на конзулатот без претходна согласност, по што персоналот јасно му укажал дека станува збор за дипломатски објект. На видео снимка објавена на социјалните мрежи може да се слушне како вработен во конзулатот му вели: „Ова е конзулат, не можете да влезете овде“.
По настанот, еквадорското Министерство за надворешни работи испратило официјална дипломатска нота до Амбасадата на Соединетите Американски Држави, барајќи гаранции дека вакви инциденти нема да се повторуваат. Во соопштението се наведува дека постапката на агентот претставува прекршување на меѓународните правила и дека персоналот постапил со цел да ја заштити безбедноста и суверенитетот на дипломатската мисија.
Според Виенската конвенција за конзуларни односи, конзулатите и амбасадите уживаат посебен правен статус, а државните органи на земјата домаќин немаат право да влезат во нивните простории без изречна дозвола од конзуларните власти, освен во случаи на итна опасност, како пожар или сериозна закана по човечки животи.
Инцидентот се случува во период на зголемени активности на федералните имиграциски служби во САД, што во повеќе градови предизвика реакции од дипломатски мисии и организации за човекови права.
До моментот на објавување, ниту Службата за имиграција и царина, ниту Министерството за внатрешна безбедност на САД не се огласија со официјален коментар за случајот.
