Сателитот лансиран во ноември со ракета на SpaceX означува почеток на тестирање на значително понапредната, минијатуризирана верзија на системот, која ќе овозможи мониторинг на илјадници животни, од цицачи до инсекти во реално време.
Вториот ICARUS сателит, поддржан од National Geographic Society, ќе биде лансиран во март, со план шест вакви уреди да орбитираат до 2027 година.
Првата генерација на ICARUS функционираше преку антена поставена на Меѓународната вселенска станица во 2020 година, но проектот беше прекинат поради прекинот на германско-руската соработката во 2022 година. Новиот систем е многу помал и поефикасен, антената сега е долга само 10 сантиметри и е монтирана на CubeSat голем „како европски фрижидер“, а идните верзии ќе бидат со големина на чевларска кутија.
Сателитите ќе орбитираат од пол до пол, скенирајќи го целото Земјино кугло за околу еден ден.
Животните ќе носат мали, сончево напојувани уреди тешки 3–4 грама, а во развој е и верзија тешка само еден грам. Таговите обезбедуваат GPS-локација, но и податоци за телесната температура, влажноста, притисокот, забрзувањето и други показатели за здравје и средина.
Следната година тимот планира континуирано следење на 5.000 до 10.000 животни, а во следната фаза дури 100.000 животни ширум светот.
Истражувањата веќе покажаа дека таговите не им штетат на птиците: „Понекогаш дури имаат и подобра стапка на преживување. можеби предаторите ги избегнуваат,“ вели Мартин Викелски од Институтот Макс Планк за однесување на животни.
Научниците очекуваат проектот да помогне во решавање на долгорочни научни мистерии и да создаде нов систем на набљудување на Земјата преку животните.
Неколку потенцијални примени:
- Предупредување за екстремни временски услови – снежните орли на Хималаите можат да „осетат“ промени опасни за алпинистите.
- Следење на вулканска активност – однесувањето на козите околу Етна може да укаже на претстојна ерупција.
- Контрола на ширење на болести – птиците можат да откријат трендови во ширење на птичји грип.
Викелски верува дека податоците ќе бидат од таква важност што „државните осигурителни агенции ќе се потпираат на нив“.
Но, тој додава и дека проектот има поширока цел:
„Кога ќе видиме колку животните се важни за системите на Земјата, ќе имаме нова мотивација да ги заштитиме.“
Извор: National Geographic
