Иберискиот рис веќе не е загрозен вид

Фото: Generalitat de Catalunya

Иберискиот рис, кој живее во области во Шпанија и Португалија се опоравува од забрзаното изумирање, а популацијата на возрасни единки се зголеми за повеќе од десет пати од почетокот на овој милениум, пишува Ројтерс.

Експертите за диви животни го опишуваат опоравувањето на иберискиот рис како неверојатно. Во ерата на изумирање, кога видовите на животни изумираат забрзано поради климатските промени и загадувањето, овој трент е исклучок.

Меѓународната унија за зачувување на природата, која неколку пати годишно ги категоризира видовите на својата „црвена листа“ според нивото на ризик со кој се соочуваат, ја промени категоријата за иберискиот рис од „загрозен вид“ во „ранлив“.

Иберискиот рис се карактеризира со жолти очи и кратка црна опашка. Тој исто така е помал од останатите видови на рисови и има карактеристична долга, црна „брадичка“.

Во 2001 година имаше само 62 возрасни ибериски рисови во медитеранските шуми, а до 2022 година таа бројка порасна на 648, според Унијата. Денес популацијата се  проценува на околу две илјади животни, што вклучува и млади и возрасни рисови кои живеат на неколку илјади километри карпести планински предели и долини.

Франциско Хавиер Салцедо Ортиз, координатор на проектот LIFE Link-Connect, кој водеше напори за зачувување на иберискиот рис, ги пофали напорите на сите вклучени во акцијата.

Сепак и покрај успехот, од Меѓународната унија за зачувување на природата предупредуваат дека напредокот лесно може да биде загубен доколку не се внимава.

Закани за рисовите се болестите кои ги зафаќаат домашните мачки и болестите на кои се појавуваат кај европската популација на зајаци, со кои се хранат рисовите, како и ловокрадството, но и согазените рисови по патиштата.

Следната недела IUCN објавува нова, поширока „црвена листа“, која се смета за барометар на биолошката разновидност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни