Ибер Деари припаѓа на генерацијата автори што не брзаат да зборуваат гласно, но внимателно ги набљудуваат светот и луѓето околу себе. Неговите филмови произлегуваат од реалноста, од секојдневни приказни и ликови што често остануваат незабележани, но носат силна емоционална вистина. По успехот на долгометражниот филм „Сите го викаат Реџо“ и меѓународното признание за документарниот филм „Антигона“, Деари зборува за љубовта кон филмот, предизвиците на независното создавање уметност, позицијата на младите автори во Македонија и за тоа зошто искреноста е клучна вредност и дома и на светската сцена.

Трн: Што те инспирира да создаваш филмови? Од каде потекнуваат твоите теми и приказни?
Ибер: Македонија е еден од најбогатите простори за филмски приказни. Мислам дека кога имаш вистинска љубов кон филмот, не ти е потребна посебна инспирација. Доволно е да ги бараш темите. Самата љубов кон филмот ги носи приказните со себе. Темите најчесто произлегуваат од она што ме опкружува од настани што ги живеам, ги познавам и за кои чувствувам потреба да зборувам. Сметам дека задачата на режисерот е да биде добар набљудувач. Јас се трудам да се занимавам со теми за кои верувам дека вреди да се раскажат во нашето општество.
Трн: Твојот долгометражен филм „Сите го викаат Реџо“ освои бројни награди. Кога го работеше дали ја имаше предвид меѓународната публика или повеќе домашната сцена?
Ибер: Да бидам искрен, на почетокот не размислував за публика или за фестивали, туку исклучително за тоа како филмот да го направам остварлив и искрен. Да се прави филм кај нас е многу тешка работа, а ова беше мојот прв долгометражен филм. Во текот на процесот, сè повеќе ја чувствував одговорноста кон нашата публика да направам филм што ќе комуницира со луѓето тука. И денес, кога работам на нови проекти, публиката од нашата средина секогаш ја имам на ум. Верувам дека ако еден филм е јасен и искрен за нас, тогаш природно може да комуницира и со фестивалската публика, но и со пошироката меѓународна публика.

Трн: „Антигона“ беше прикажан на Sheffield Doc/Fest и освои неколку награди. Што беше најголемото лично искуство од работата на овој проект и што е клучот за успех на големите фестивали според тебе?
Ибер: Посебноста на филмот „Антигона“ е самиот лик на Антигона силна жена која никогаш не се откажа. Повеќе од дваесет години таа ја работи својата работа како такси-возач, без да се обесхрабри од предрасудите и средината во која доминираат мажи. Јас бев инспириран од Антигона токму како жена, од нејзината истрајност и од љубовта што ја има кон својата работа. Нејзината приказна за мене беше доказ дека силата не секогаш е гласна, туку често тивка и постојана. Што се однесува до големите фестивали, мислам дека не постои универзален рецепт за успех. Но верувам дека искреноста, јасната авторска позиција и филм што знае што сака да каже се најважни. Кога филмот е чесен и автентичен, публиката и фестивалите тоа го препознаваат.
Трн: Кои се најголемите предизвици кога се работи со ограничени буџети, особено за кратки или независни филмови?
Ибер: Кога работиш со ограничен буџет, најголемиот предизвик е издржливоста. Постојано си под притисок финансиски, временски и психолошки. Често правиш повеќе улоги одеднаш и мораш самиот да носиш тешки одлуки. Кај кратките и независните филмови нема простор за грешки, а сепак условите не се секогаш фер. Но токму тоа искуство те учи на дисциплина и јасност да знаеш што е навистина важно за приказната и да не се губиш во непотребни работи. За мене, тие ограничувања не се само проблем, туку и школа што ме обликува како автор. Верувам дека секој режисер на почетокот мора да помине низ работа со ограничен буџет, бидејќи токму таму се раѓа креативноста.





Трн: Како ја гледаш позицијата на младите режисери и сценаристи во Македонија денес и која е најголемата шанса или најголемата бариера за млади автори во нашата филмска индустрија?
Ибер: Позицијата на младите режисери и сценаристи во Македонија денес е специфична, затоа што реално немаме вистинска филмска индустрија. Реализацијата на еден филм често зависи од времето кога ќе се добие поддршка за проектот, а процесот, особено кај долгометражните филмови, може да трае со години. Дополнителен предизвик е и прикажувањето на филмовите, освен Cineplexx во Скопје, во другите градови кината најчесто функционираат како импровизирани театри со слаба техничка опрема, што ја прави речиси невозможна враќањето на вложените средства.
За младите автори има повеќе простор во краткометражните филмови, каде што полесно можат да работат. Денешната технологија многу помага со мал тим и основна опрема може да се направи добар филм.
Најголемиот проблем, според мене, е континуитетот како да продолжиш да работиш и да се развиваш кога нема проект. Тогаш кога ќе можеме редовно да правиме филмови, кога ќе се знае дека тие ќе се прикажуваат низ целата држава во добри кино-сали и кога од правењето филм ќе може пристојно да се заработи и да се живее, тогаш ќе имаме добра филмска индустрија за сите филмски работници.

Трн: Како ја доживуваш улогата на македонскиот филм на европската и светската сцена?
Ибер: Од тоа што го гледаме во последно време, мислам дека токму искрените приказни што доаѓаат од Македонија имаат најголем успех на европската и светската сцена. Во последните години земјата беше успешно претставена надвор со филмови што зборуваат на различни јазици и од различни перспективи, како „Honeyland“, „DJ Ahmet“. Токму таа разновидност е една од нашите најголеми вредности.
Не е лесно за домашните режисери да останат искрени и автентични кога раскажуваат приказни тука, но филмовите што ги прикажуваат луѓето како вистински луѓе со добри и лоши страни, со конфликти и секојдневен живот најлесно комуницираат и со домашната и со странската публика. Се покажа дека филмовите без клишеа, без стереотипи и без пропаганда имаат најголем одѕив.
За мене, македонски филм е секој филм што произлегува од оваа средина, е создаден тука и искрено зборува за реалноста на луѓето што живеат во оваа земја, без разлика на јазикот. Токму таквите приказни најдобро ја претставуваат Македонија на европската и светската сцена, затоа што ја покажуваат нашата секојдневна разновидност онака како што навистина ја живееме.
Трн: Кога размислуваш за македонската кинематографија, кои филмови или автори сметаш дека се најзначајни во последните 10–15 години?
Ибер: Мислам дека е многу лесно да се издвојат најзначајните филмови. За мене „Honeyland“ е најголемиот успех што го имаме до денес. Филмот беше номиниран за Оскар и како документарен и како игран и навистина направи Македонија да се препознае на светската сцена.
Како втор многу важен пример би го спомнал „DJ Ahmet“ на Георги Унковски, кој освои три награди на Sundance еден од најважните филмски фестивали во светот. Тоа е навистина голем успех. Исто така, новиот филм на Тамара Котевска, „The Tale of Silyan“, имаше одличен прием и беше прикажан на неколку големи светски фестивали. Филмот беше и официјален кандидат предложен од Македонија за Оскар и освои повеќе значајни награди на меѓународни фестивали, што покажува дека таа продолжува со силна и препознатлива работа. Има и многу други автори и филмови, но сметам дека овие три се моментално најуспешните и најпрепознатливите.

Трн: Како лично го доживуваш развојот на независната и арт филмската сцена во Европа?
Ибер: Многу динамичен, но и контрадикторен процес. Од една страна постои слобода за авторски израз и поддршка за различни гласови, но од друга страна сè почесто се чувствува притисокот од фестивалски трендови и очекувања. Понекогаш се создава впечаток дека филмовите мора да се вклопат во одредена рамка за да бидат видени.
Како автор, тоа го гледам и како можност и како предизвик. Сепак, Европа сè уште е место каде што авторскиот филм има простор да постои. Најдобрите филмови и понатаму доаѓаат од искрени, лични приказни, а не од трендови. За мене, клучно е авторот да остане свој и да не прави филм само за фестивали, туку со мисла на публиката.
Трн: Која е твојата неицрпна инспирација? Што те води постојано напред во креативноста?
Ибер: Мене ме води љубовта кон филмот и потребата постојано да раскажувам приказни. Реалноста околу нас е полна со ситуации што бараат да бидат кажани на глас. И кога е тешко, токму таа желба да создадам и да направам подобар филм ме тера секогаш да одам напред. Не размислувам многу за инспирација кога еднаш ќе почнеш да правиш филмови, самата работа те тера да одиш напред. Македонија е еден од најбогатите простори на Балканот кога станува збор за приказни. Различни култури, јазици и животи се среќаваат на мал простор. Но тие приказни вредат само ако режисерите знаат внимателно да набљудуваат и да раскажуваат без идеолошки товар, оставајќи им простор на гледачите сами да судат.
