Сепак, и покрај ваквото намалување на ценовниот притисок, расположението на европските потрошувачи дополнително се влоши во април втор последователен месец. Според истражувањето на Европската комисија, индексот на доверба на потрошувачите во еврозоната падна за 2,2 поени во однос на март и сега изнесува минус 16,7 – најниско ниво од ноември 2023 година.
Ниту ситуацијата во цела ЕУ не е многу подобра – индексот на доверба падна за 2,1 поен и моментално е на минус 16. Во март падот беше за еден поен.
Европската комисија наведува дека потрошувачите станале значително попесимисти, а нивното расположение сега е под долгорочниот просек и најниско во последните 18 месеци. Истражувањето е спроведено во периодот од 1 до 21 април во 26 земји-членки, без Шпанија, и опфаќа повеќе од 90 отсто од вкупните трошоци во ЕУ и во еврозоната.
Европската централна банка во Франкфурт
Предупредувања доаѓаат и од Европската централна банка (ЕЦБ), која минатата недела повторно ја намали каматната стапка – за 0,25 процентни поени, но истовремено предупреди дека актуелните нарушувања во меѓународната трговија, царинските бариери, нестабилноста на финансиските пазари и геополитичките тензии внесуваат дополнителна неизвесност во економијата на еврозоната.
Поради сето ова, граѓаните би можеле да бидат повнимателни во трошењето и се повеќе да се свртуваат кон штедењето, посочуваат од ЕЦБ.
Европската комисија најави дека до крајот на месецот ќе објави целосен извештај за економското расположение во Унијата.