Со цел да ја зголеми свеста за штетните последици од употребата на пиротехнички средства во текот на новогодишните прослави, зоолошката градина во Скопје започнува кампања „Кажи стоп за петарди и огномет“.
„Милиони птици угинуваат од стрес, или исплашени ги напуштаат своите гнезда со малечки и потоа нема кој да се грижи за нив, умираат од глад и дехидрација, кучињата и мачките може да доживеат огромен стрес или во најлош случај срцев удар од страв, исто така страда и дивиот свет. Бучавата и светлината ги вознемируваат и може да настапи смрт, но и да ги напуштат своите малечки кои потоа страдаат. Се загадува и воздухот преку испуштање на отровни хемикалии. Децата може да се повредат, а кај возрасните луѓе со ПТСР (PTSD) поттикнува поголема анксиозност“, велат од ЗОО.
Децата од основните и од средните училишта, но и граѓаните коишто сакаат да бидат дел од кампањата можат да направат цртежи на тема: „Кажи стоп за петарди и огномет“ и да ги испратат на zooskopje@zooskopje.com.mk.
Од најдобрите цртежи на крајот на овој месец, Зоолошката ќе направи изложба во просторот на градината, а потоа изработените постери ќе бидат дистрибуирани низ сите маала.
„Ајде заедно да кажеме стоп за петардите и огнометите кои освен тоа што се опасна „играчка” за најмладите и може да дојде до страшни повреди, погубни се и за животинскиот свет“, додаваат од ЗОО-Скопје.