И Велика Британија воведе забрана за увоз на германско месо и млечни производи

Велика Британија воведе забрана за увоз на германско месо и млечни производи со цел да го спречи ширењето на шап и слепило, откако минатата недела беше потврден случај на оваа болест во близина на Берлин, пишува „Гардијан“.

Покрај забраната за увоз на германско свинско, јагнешко, говедско месо и млечни производи, како шунка, сланина, салама и сирење, забраната опфаќа и увоз на живи говеда, овци и свињи, како и други животни што се чувствителни на оваа болест.

„Шунката, сланината, како и производите како салама од Германија, нема да бидат дозволени за увоз во Велика Британија,“ изјави Менди Невел, раководителка за здравје и благосостојба на животните во британскиот Одбор за развој на земјоделството и хортикултурата (AHDB).

Таа додаде дека очекува „одредени нарушувања во снабдувањето“.

Германија е третиот најголем извозник на свинско месо во Велика Британија со 18% удел на пазарот, а воедно е и втор најголем извозник на млечни производи, вклучувајќи сирење, јогурт и млеко.

Британската влада информира дека во моментов нема потврдени случаи на шап и слепило во земјата. Министерството за животна средина, храна и рурални прашања (Defra) соопшти дека воведените мерки ќе помогнат да се спречи ширењето на болеста, заштитувајќи ги фармерите и нивните извори на приход.

Иако шап и слепило не претставува ризик за безбедноста на луѓето или храната, станува збор за силно заразна вирусна болест што ги напаѓа говедата, овците, свињите и другите животни со раздвоени копита.

Да потсетиме, неодамна и Министерството за земјоделство на Јужна Кореја воведе забрана за увоз на свинско месо од Германија поради појава на епидемија на шап и слепило кај стадото бизони во источната германска покраина Бранденбург.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни