Од почетокот на војната, низ Ормуски теснец поминале околу 100 бродови, и покрај повремените напади и зголемените безбедносни ризици во регионот.
Според анализи на BBC и податоци од поморски компании, дневниот сообраќај е намален за околу 95% во споредба со периодот пред почетокот на конфликтот. Пред војната, низ теснецот минувале околу 138 бродови дневно, транспортирајќи приближно една петтина од светската нафта.
И покрај тоа, податоците покажуваат дека околу 99 пловила успеале да поминат низ теснецот во текот на месецот, што во просек значи само пет до шест бродови дневно. Дел од нив се поврзани со Иран, вклучувајќи бродови под иранско знаме или под санкции.
Анализите откриваат и дека дел од бродовите со потекло од Кина и Индија продолжуваат да користат овој морски пат, додека некои бродови дури пристануваат во ирански пристаништа.
За да избегнат ризици, многу бродови го менуваат својот вообичаен курс и пловат поблиску до иранската обала. Според експерти, ова може да биде резултат на безбедносни упатства или присуство на мини и зголемена контрола од страна на иранските власти.
Поморските аналитичари посочуваат дека ваквото пренасочување ги принудува бродовите да влезат во ирански територијални води, каде што важат локални правила и контрола.
Од почетокот на конфликтот се потврдени напади врз околу 20 трговски бродови. Меѓу нив е и тајландскиот товарен брод Mayuree Naree, кој бил погоден со проектили, при што дел од екипажот е сè уште исчезнат. Нападнати биле и други бродови, вклучувајќи грчки и американски пловила, при што има и жртви.
Бродовите се соочуваат со повеќе закани од дронови и проектили до брзи чамци и потенцијални мини. Дополнително, многу од нив ги исклучуваат системите за следење (AIS) за да ја сокријат својата локација, што им овозможува привремено „исчезнување“ од радарите.
Иако ова помага во избегнување на директни напади, истовремено го отежнува следењето на морскиот сообраќај и ја зголемува неизвесноста во еден од најважните енергетски коридори во светот.
Извор BBC