Бендот Металика на сцената е повеќе од 40 години, период за кој имаат издадено 11 студиски албуми, од кои последниот излезе оваа година. Тие исто така во својата историја имаат одржано и 38 турнеи, а нивната последна турнеја започна во април оваа година и имаат закажни концерти до септември следната, 2024 година.
Овие податоци говорот многу за нивната издржливст, креативност, но и способност за прилагодување на различните времиња и различните барања на публиката. Кога Металика доаѓа да одржува концерт во некој град, не можете, а да не го забележите тоа, без разлика дали го сакате и слушате бендот или не. Неколку дена пред концертот ќе почнете да збележувате „аџии“ по рестораните, кафе-баровите и клубовите со маици, дресови, дуксери, јакни, капи, чорапи и што ли уште не со логото на Металика.
Најверните приврзаници носат тексас елеци украсени со сошиени логоа од турнеи, од некои некои се стари и неколку децении. Тимот за лиценцирање на Металика проценува дека околу сто и дваесет милиони маици на Металика се продадени од 1995 година. Мотивите на нив веќе се легендарни и лесно забележливи.
Металика е еден од бендовите што заедно со Slayer, Anthrax и Megadeth, што го започнаа трешот, поджанр на хеви метал музиката обележан со силни, задушувачки рифови, свирени со неверојатна брзина. Лирските теми вклучуваат смрт, очај, моќ, тага и гнев. Иако металот често се отфрла како андерграунд музика – избезумена, дивјачка – Металика досега продаде околу сто дваесет и пет милиони плочи, ставајќи го бендот на исто ниво, комерцијално, со Брус Спрингстин и Џеј Зи. Тоа е единствената музичка група што настапувала на сите седум континенти во една календарска година. (Во 2013 година, Металика отсвири сет од десет песни на Антарктикот за група истражувачи, научници и победници на натпревари. Од 1990 година , секој албум на Металика дебитираше како бр. 1 на Билборд 200.
Во 2009 година, Металика беа примени во Куќата на славните на рокенролот. При церемонијата, басистот на Ред Хот Чили Пеперс, Фли, музиката на Металика ја опиша како „ убава, насилна работа што не звучи како ништо што некогаш сум слушнал во животот“ и ја пофали нивната мотивација. „Ова е музика од аутсајдер и да го направи она што го направи е навистина воодушевувачки“, рече тој. Металика е единствената метал група чија музика е додадена во Националниот регистар за снимање на Конгресната библиотека на САД.
Иако бендот правеше прилагодувања на својот звук низ годините – некои мали, некои сеизмички, сите иритирачки за одредени подгрупи од нивната база на обожаватели – тешко е да се најде друг бенд што толку долго ги издржал културните влијанија и промени како Металика, пишува Њујоркер. Бендот неодамна го објави и својот 11ти албум. „Металика се маринците на металот“, вели Скот Иан, основач на Антракс. „Први влегоа, последни излегуваат“.
Сегашната постава на Металика ги вклучува пејачот и ритам гитаристот Џејмс Хетфилд и тапанарот Ларс Улрих, кои се коосновачи на бендот, водечкиот гитарист Кирк Хамет, се приклучил во 1983 година, а басистот Роберт Трухиљо е член од 2003 година. Хетфилд има 60 години, висок, веќе со сива коса, се движи самоуверено како добро вооружен каубој. Улрих, 59, зрачи толку многу кинетичка енергија што е тешко да се замисли како зева. Хамет, 60 и Трухило, 59, се нежните во бендот, со долги кози и љубителите на џезот кои не се склони кон драматика. Ако Хетфилд е срцето на Металика – нејзиниот музички центар и примарен текстописец – Улрих е нејзиниот мозок, визионер кој инстинктивно го разбира културниот терен.
Њујоркер, минатата година, објави сторија за како изгледа подготовката и еден нивен концерт за време на турнеја. Тие го следеа бендот пред настапот во Лас Вегас во 2022 година.
Ноќта пред шоуто во Вегас, бендот се собрал на стадионот Алегиант за проверка на звукот. Група од околу десетина луѓе, главно од турнејската екипа на Металика, стоела пред бината да гледаат. (Целосниот тим на бендот кој патува со нив на турнеите има околу 100 луѓе.) Се појавил и Дерек Кар, бекот на Лас Вегас Рајдерс, изгледајќи како да се спротивставува на интензивниот нагон да свири „air guitar“. Некои клиенти на компанијата за приватни авиони NetJets седеле на трибините, уживајќи во специјални коктели и навивајќи. Бендот периодично се собирал околу тапаните на Улрих. „Дали има нешто што некој сака да проба?“ прашал Улрих. Но, сите знаеле што да прават. Во еден момент, Трухиљо погледнал кон слободните места и се пошегувал: „Мислев дека концертот е распродаден“. Дури и на претежно празен стадион, бендот звучеше моќно, луцидно, тешко.
Следното попладне, беше закажан настан пред концертот во Куќата на блузот. На оваа предконцертна забава се служело вискито на Металика, Блекенд. Описот на вискито ѝ дава заслуга на музиката за подобрување на неговиот вкус: „Вискито е засилено од звучни бранови со ниска фреквенција кои го принудуваат вискито да навлезе подлабоко во дрвото на бурето, каде што добива дополнителни карактеристики на вкус на дрво“.
Поради пандемијата на КОВИД-19, Металика паузираше од концерти во 2020 и 2021 година, поради што фановите беа особено нетрпеливи да се вратат на концертите на нивниот омилен бенд во 2022 година. Луѓето беа подготвени добро да се забавуваат – да испијат премногу пива, да ги заборават чепчињата за уши, да купат нова маица на Металика со демони на неа, да тресат глави, да ги згрчат прстите во ѓаволски рогови и да ги турнат нагоре, да викаат „Аааааа!“, а кога пиротехниката ќе започне да вриснат „ Searching . . . seek and destroy!“ заедно со педесет илјади други луѓе.
Грета Ван Флит, млад рок бенд од Мичиген, настапуваше пред Металика во текот на целата турнеја таа година. „Металика ја курираше сопствената култура и можете да го видите влијанието што го имаше кога ќе погледнете во публиката“, изјави пејачот на Грета Ван Флит, Џош Кишка за Њујоркер. „Возејќи до местото на настанот, Металика е насекаде. Тоа е дел од тоа како бендот малку го промени светот“.
Оддалеку, лесно е да се види Металика како поттикнувачка сила – забрзувач што ги претвора непослушните хулигани понепослушни. Но, таа идеја сама по себе не може да одржи посветено следбеник со децении. Музиката на Металика е вкоренета во чувството на маргинализација, а бендот, и покрај неговите достигнувања, најде начин да ја задржи таа гледна точка повеќе од четириесет години. Има смисла луѓето да се привлечени од музиката на Металика, затоа што не се чувствуваат удобно во културата која немилосрдно ги валоризира нештата (пари, љубов, прави заби) без кои е многу лесно да се родиш.
Таа вечер, Металика го отвори својот сет со „Whiplash“, од „Kill ’Em All“, својот деби албум. На теренот публиката збесна, од трибините тоа изгледаше како разбрането море, тела кои кружат едно со друго. Ако замижавте, речиси изгледаше како античко оро – нешто што може да се случи на грчка свадба, доцна, откако луѓето ќе се напијат. „Мислам дека најдоброто место во арената е второто ниво, каде што можете да го видите бендот, но исто така можете да ги видите и сите фанови“, рекол Хетфилд за Њујоркер. „Заборавете на бендот – погледнете ја публиката“.
Деновиве на сет листата за концертите се претежно стари песни, а вибрацијата е во голема мера добронамерна. Гласот на Хетфилд е низок и може да се префрли од контемплативен во див во една нота. Тој е склон да ги завршува своите фрази со цврст врисок. Тој сè уште може да трансформира „Yeah!“ во огромно и застрашувачко повикување. Тој, исто така, може да биде нежен и искрен, што неодамна ги натера фановите да го нарекуваат Папа Хет. „Оваа песна ја посветувам на сите што се борат“, рече Хетфилд пред „Fade to Black“, балада за самоубиство. „Ако мислите дека сте единствените, тоа е лага. Можете да разговарате со вашите пријатели, да разговарате со некого, бидејќи не сте сами“.
Металика издржува 40 години на сцената, а од време на време одредена нивна песна станува популарна и им носи и нови фанови, покрај нивните досегашни следбеници. Во јули минатата година, серијата на Нетфликс „Stranger Things“ – која следи група на бесни, вознемирени тинејџери додека се обидуваат да го спасат својот роден град од страшната алтернативна димензија позната како „Превртено“ – го емитуваше вториот дел од својата четврта сезона. Оваа серија е најгледаната оригинална серија на платформата. Главните протагонисти се приврзаниците на Dungeons & Dragons и членовите на нешто наречено Hellfire Club, кој е предводен од слаткиот металец по име Еди Мансон. Во финалето на сезоната, Мансон, кој проповеда несообразност како еден вид осветувачка практика, доброволно се подготвува да се жртвува, и тоа го прави додека стои на покривот на приколка во „Превртено“, свирејќи на гитара соло од песната „Master of puppets“. (Сезоната е сместена во 1986 година.) Две недели по објавувањето на епизодата, „Master of Puppets“, долга повеќе од осум минути, се појави на Hot 100 за прв пат, на бр. 40. „Master of Puppets“ влезе во првите десет на американската топ листа на Spotify и во првите педесет на нејзината глобална листа со повеќе од половина милион преслушувања.
Сепак, ваквата популарност на песната кај широката публика наиде на негодување кај тврдокорните фанови на Металика, бидејќи да се биде металец порано значеше да се биде алтернативец, кој не се покорува на општествените норми. Сепак, бендот брзо ги прифати своите нови фанови. Членовите на Металика дури се снимаа како носат маици од клубот „Hellfire“ и играат на снимката од солото на Мансон.
Каков успех ќе доживее нивниот нов албум „72 Seasons“ и колку од новите песни ќе станат безвременски хитови кои ќе се свират на нивните концерти останува да видиме. Сепак, тоа што е сигурно е дека Металика 40 години прави бум, прво со популаризацијата на треш металот, а потоа и со нивната издржливост на сцената преку здржување на старите, но и привлекувањето на нови фанови.