И мажите имаат биолошки часовник: Ново истражување ја менува целата слика за плодноста

Најновите студии откриваат дека и мажите имаат биолошки часовник: со возраста се зголемуваат генетските мутации во спермата, што може да влијае на плодноста и здравјето на потомството

Децении наназад постоеше уверување дека биолошкиот часовник отчукува само за жените. Тие беа тие што требаше да размислуваат за годините, за опаѓањето на квалитетот на јајце-клетките и за ризиците од бременост по 35-тата година. Мажите, пак, се сметаа за вечно плодни, без временско ограничување за татковство.

Сепак, најновите научни истражувања покажуваат дека тоа повеќе не важи: и мажите имаат свој биолошки часовник, само што тој е потивок – и работи на генетско ниво.

Новото истражување целосно го менува начинот на кој го разбираме репродуктивното здравје. Научниците од Penn State University и Wellcome Sanger институтот ги анализирале генетските промени во сперматозоидите и јајце-клетките и откриле дека жените, всушност, многу подолго го задржуваат квалитетот на своите јајце-клетки отколку што се мислеше. Иако бројот на јајце-клетки се намалува со годините, нивната митохондриска ДНК – која обезбедува енергија и виталност – останува стабилна и речиси непроменета до четвесеттите години. Со други зборови, женските јајца имаат природна заштита од мутации што се таложат со текот на времето.

Од друга страна, науката сега потврдува дека кај мажите се случува спротивниот процес. Како што стареат, постојаното создавање нови сперматозоиди доведува до акумулирање генетски грешки. Секоја нова генерација сперматозоиди носи мали, но значајни промени во ДНК, кои со текот на годините се зголемуваат. Научниците утврдиле дека бројот на овие мутации кај мажите во четвесеттите е речиси двојно поголем во споредба со оние во дваесеттите.

Овие генетски промени може да доведат до намалена плодност, но и до зголемен ризик од спонтан абортус и одредени невролошки пореметувања кај децата, вклучувајќи и аутизам. Иако повеќето мутации не предизвикуваат болести, истражувањата јасно покажуваат дека возраста на таткото игра значајна улога во квалитетот на спермата и здравјето на потомството.

Затоа стручњаците денес повикуваат разговорот за плодност да стане порамноправен: фокусот повеќе да не биде само на биолошките граници на жените, туку и на факторите кај мажите.

Додека жените често планираат замрзнување на јајце-клетки или редовни гинеколошки прегледи, мажите исто така треба да размислат за проверка на плодноста – особено ако го одложуваат татковството. Комбинацијата од здрава исхрана, физичка активност, престанок со пушење и умерено конзумирање алкохол може значително да го подобри квалитетот на спермата.

Најважната порака на новата наука е: времето не поминува само за жените. Иако тие со децении беа соочени со концептот на биолошки часовник, сега е јасно дека и мажите го имаат својот – и тој ги брои генетските промени во спермата, а не бројот на јајце-клетките.

Значи, ако мислевте дека часовникот отчукува само за жените, време е да ја смените перспективата. Машкиот биолошки часовник навистина постои – и одамна отчукува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни