И мажите ги „боли“ глава во кревет

Ако сексуалните односи со вашиот партнер почнале да „заладуваат“, не помислувајте веднаш на најлошото. Мажот може да одбива секс со партнерката од различни причини, а најчесто се помислува дека веќе не сте му привлечна или дека ве изневерува.

Иако тоа е можно, сепак најчестите причини за неговото одбивање се поврзани со други работи. Терапевтите ги издвојуваат овие четири најчести причини зошто мажот одбива секс или е намален бројот на сексуални односи со партнерката (во споредба со претходно).

Работата е „онаа другата“
Многу мажи со страст и голема желба си ја работат работата, а се случува работниот успех на мажот да му буди страст исто како кон партнерката. Пофалбите и унапредувањето за нив е подеднакво возбудливо и задоволувачки како и секс со партнерката, па така работата станува „љубовницата“.

Мастурбирање
Иако се смета дека мастурбацијата е здрава, кога се работи за пречесто самозадоволување на сметка на сексуалниот живот со партнерката, може да претставува проблем. Во ваквите случаи мажот најчесто сака секс, но нема волја да иницира и да спроведе однос, па буквално „ја зема работата во свои раце“. Мастурбирањето, најчесто на порно содржини, му е сигурна опција во која не мора да вложи напор, а ќе биде задоволен.

Еректилна дисфункција
Можеби се случило претходно, можеби постои само стравот од тоа, но еректилната дисфункција е еден од најголемите стравови за мажите на секоја возраст. Повеќето мажи не сакаат да разговараат ни за можноста за ваков проблем, што секако дека не е поволна опција за ниту еден од партнерите. Загриженоста, фрустрацијата и намалената физичка подготвеност може дополнително да ја влошат состојбата и целосно да ја убијат и желбата за секс.

Страв од одбивање
Многу жени не го забележуваат тоа, но мажите го имаат оној невидлив товар дека треба да бидат „освојувачите“, односно иницијаторите за секс, дури и кога станува збор за врска или брак. Во зависност од претходните искуства, со вас или со други партнерки, ако одбивањето на понуда за секс било честа појава во неговото минато, мажот може да се колеба дали да иницира секс почесто поради страв од одбивање, иако желбата постои. Во вакви случаи мажот може да ја одбие партнерката и при нејзино иницирање, стравувајќи дека „нема да одат до крај“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни