И филмовите направени со помош на вештачката интелигенција ќе може да освојат Оскар

Филмовите направени со помош на вештачка интелигенција (ВИ) ќе можат да ги добијат најпрестижните награди на Оскарите, објавија организаторите.

Академијата за филмски уметности и науки објави нови правила во понеделникот, наведувајќи дека употребата на вештачка интелигенција и други дигитални алатки „ниту ќе помогне, ниту ќе го одмогне за добивањето номинација“.

Генеративната вештачка интелигенција – која може да создава текст, слики, звук и видео врз основа на едноставни текстуални барања – беше користена во продукцијата на некои од филмовите што ги освоија најголемите почести во индустријата во март, јавува Би-Би-Си.

Сепак, Академијата рече дека ќе го земе предвид човечкиот придонес при изборот на победниците.

Академијата соопшти дека новата формулација за подобноста на филмовите што користат генеративни алатки со вештачка интелигенција била препорачана од Советот за наука и технологија.

Во дополнителните промени на правилата објавени во понеделникот, членовите на Академијата сега мора да ги гледаат сите номинирани филмови во секоја категорија за да учествуваат во последниот круг на гласање, кој ги одлучува победниците.

ВИ и филм

Темата за користење на вештачката интелигенција во филмот стана особено актуелна откако Адриен Броди ја освои наградата за најдобар актер за улогата во The Brutalist на овогодинешната церемонија на Оскар во март.

Филмот користеше генеративна вештачка интелигенција за да го подобри унгарскиот изговор на актерот.

Исто така, се покажа дека слична технологија за клонирање глас била користена за подобрување на пеењето во мјузиклот Емилија Перез, кој доби Оскар.

Способноста на вештачката интелигенција брзо да се приспособи или да го имитира тонот и стилот на уметникот или да прави суптилни промени, како што е менување на нечиј изглед, ја направи сè попопуларна во музичката и филмската продукција.

Сепак, употребата на вештачка интелигенција останува контроверзна, при што многу уметници и актери изразуваат загриженост за материјалите што се користат за обука на алатките за вештачка интелигенција и влијанието што тие алатки може да го имаат врз нивните кариери и егзистенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни