И денеска чади депонијата „Краста“ кај кумановското село Пчиња

Жителите на Пчиња бараат реализација на постигнатиот договор со општината и раководството на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ со што целосно и системски ќе се реши проблемот со депонијата. Жителите на Пчиња велат дека е неопходно да се огради депонијата и да се постави систем за вода, со што ќе се одбегнат евентуални идни пожари на депонијата.

„После блокадата што ја спроведовме пред осум месеци нема реализирано ниту едно наше барање. Би ги замолил раководните лица од „Чистота и Зеленило“, градоначалникот и советот да го почитуваат договорот којшто го склучивме пред осум месеци. Ако не го почитуваат не исклучуваме повторно блокирање на депонијата“, изјави Дејан Трендевски од месна заедница Пчиња.

Меѓу барањата на жителите од Пчиња е поставување ограда, видеонадзор, дезинфекција на возилата кои го пренесуваат сметот до депонијата, контрола на сметот, расчистување на патот, санација на самата депонија …

Од „Чистота и Зеленило“ денеска информираа дека делумно се спроведени барањата.

„Општината спроведе тендер, избран е економски оператор кој ќе ја постави оградата и ќе се постави софистициран видео-надзор. Имаме и насока и од инспекторот така што треба целосно да го спречиме чадењњето на депонијата. Во моментот наши екипи со механизација интервенираат, се затрупува со земја“, изјави за МИА, директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Викендов прво избувна пожар на депонијата, по што жителите на Пчиња се жалеа на неподнослива миризба и зголеено аерозагадување.

Депонијата „Краста“, лоцирана на регионалниот пат Куманово-Пчиња претходниве децении беше причина за негодување и револт на мештаните на Пчиња кои произведуваат раноградинарски производи. Преку проект, предвидено е депонијата да стане претоварна станица од каде ќе се изнесува сметот до најавената регионална депонија за североисточниот и источниот регион. Депонијата „Краста“ функционира од 1958 година и зафаќа површина од 12, 5 хектари. Тука се складира сметот на градот со над 100.000 жители. Дневно на депонијата се изнесува од 100 до 120 тони смет. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни