Хунтата во Гвинеја Бисао денеска соопшти дека привремен претседател на земјата ќе биде лидерот, кој го предводеше вчерашниот воен удар, генерал Хорта Н’Там.
Тој ќе биде претседател и новоформираното тело Висока воена команда за обнова на редот односно воената влада, која ќе го надгледува едногодишниот транзициски период.
Генералот Н’Там ја презема власта во западноафриканската држава по вчерашниот пуч, додека се чекаа резултатите од претседателските и парламентарните избори, одржани на 23 ноември.
Хунтата вчера го прекина изборниот процес и го собори претседателот Умар Сисоко Ембалo. Пред објавувањето на официјалните резултати и Ембалo и кандидатот на опозицијата Фернандо Дијас да Коста, прогласија победа.
Против поранешниот армиски генерал, Ембало имаше неколку обиди за државен удар. Опозицијата ги оспоруваше резултатите од претседателските избори во 2019 година на кои победи Ембало. Тој по неуспешниот воен удар во декември 2023 година го распушти Народното собрание.
Од 1974 година, кога Гвинеја Бисао се стекна со независност од Португалија, земјата имаше четири воени удари, 17 обиди за државен удар и серија промени на владата.
Според Светска банка, Гвинеја Бисао, со население од 2,2 милиони, е една од најсиромашните земји во светот. Западно африканската држава е една од главните рути за трговијата со дрога помеѓу Европа и Латинска Америка. Според експертите илегалната трговија со дрога е една од главните причини за политички кризи во Гвинеја Бисао.
