„Скоро една година откако работиме, досега имаме организирано повеќе вакви родендени, но не сакавме да излегуваме во јавност. Ова што сега се случува е на иницијатива на една мајка што присуствуваше на последниот роденден на своето дете, со цел да се подигне свеста,“ раскажува Трајче со скромност. И навистина, додека многумина денеска го користат јавниот простор за промоција на свои проекти, Трајче избра да работи тивко, во сенка, дозволувајќи им на делата сами да зборуваат за неговата добрина.
Неговата најголема награда? Насмевката на децата. „Не можам да ви опишам колку е прекрасно кога ќе ги видите децата како се радуваат, како се гушкаат со своите родители, некогаш не сакаат ни да си одат дома. Тоа е емоција која не се опишува со зборови,“ споделува тој, трогнат од среќата која ја донесува на лицата на овие малечки. Но зад насмевките, често се кријат тешки животни приказни. Трајче и неговиот тим често се соочуваат со случаи на деца чии семејства се борат со секојдневни предизвици, и токму тие тешкотии ги поттикнуваат да продолжат да ја шират радоста.
Еден настан особено ја означил пресвртницата за овој проект. Трајче се присетува на денот кога на едно дете од претходен роденден не му дошол никој. „Му немало дојдено никој на претходниот роденден… Ние се договоривме со мајката да го изненадиме детето и сите ги собравме нашите деца, пријатели, комшии. Кога детето влезе, беше изненадено од толкавата поддршка и внимание. Тоа беше моментот што нѐ натера да излеземе во јавност,“ споделува Трајче со трепет во гласот.
Неговиот апел е јасен и искрен: „Би упатил апел до сите игротеки и центри што организираат родендени – барем еден термин во месецот може да се одвои за да се направи нешто за овие деца.“ Тој исто така е благодарен на сите волонтери кои се јавуваат и ја поддржуваат неговата мисија, организирајќи и учествувајќи во овие хуманитарни настани.
Ова е пример за вистинска хуманост на дело. И покрај своите скромни ресурси, Трајче успева да донесе голема радост и светлина во животот на децата, кои најчесто се соочуваат со тешки животни ситуации. Неговата работа е доказ дека малите гестови на добрина можат да направат огромна разлика, а детската насмевка е најголемата награда.
Оваа иницијатива продолжува да расте, но Трајче знае дека најголемата промена што ја може да ја направи е да инспирира и други да се приклучат. За сите нас, неговата приказна е потсетник дека хуманоста може да се изрази на безброј начини, и дека понекогаш само еден ден, еден час или еден гест може да го промени животот на некое дете засекогаш. На светот му требаат повеќе луѓе како Трајче!