Роботот кој грациозно свири на кинески цимбал ги маѓепса посетителите со својата милозвучна музика. Според водителот, тој може да го научи инструментот за само два-три дена.
Роботот кој наликува на млад човек може да ги имитира изразите на луѓето во реално време, толкувајќи ги движењата на лицето снимени со камера до него. Тој е способен да произведе повеќе од 30 различни изрази на лицето.
Хит на конференцијата беше и робот кој знае да игра лист-камен-ножици. Неговите брзи пресметки и прецизни движења му овозможуваат да биде постојан победник.
Изложен беше и кинески хуманоиден робот за трчање наречен „Тиангонг“ кој може да трча шест километри на час. Неговиот развивач вели дека роботите наскоро ќе можат да трчаат на различни терени, вклучувајќи тревници, песок и ридови.
Лианг Лианг, заменик генерален секретар на Кинескиот институт за електроника, рече дека секторот на хуманоидни роботи има голем потенцијал за иден развој, повикувајќи на заеднички напори за понатамошно промовирање на оваа област.
„Хуманоиден робот е сестран производ на вештачката интелигенција и роботиката. Има паметен мозок кој вклучува сензори за вид и компјутерски чипови со високи перформанси, ротирачки инерцијални мерни единици слични на малиот мозок и флексибилни екстремитети како што се агилни раце и бионички нозе и стапала. Тој е важен носител на општата вештачка интелигенција. Постои огромен простор за развој во ова поле“ вели тој.
Според организаторите, петдневниот настан ќе собере повеќе од 400 гости, вклучувајќи истакнати научници од целиот свет, претприемачи и академици, за да разговараат за иднината на хуманоидните роботи.
Извор: ХРТ