Хуманитарна катастрофа во Либан: Повеќе од 770 загинати, над 100 деца меѓу жртвите

Во израелските напади врз Либан во последните две недели загинаа повеќе од 770 луѓе, меѓу нив и над 100 деца. Стотици илјади цивили бегаат од југот на земјата додека УН предупредуваат на хуманитарна катастрофа.

Додека вниманието на светот е насочено кон нападите врз Иран, израелските удари врз Либан кои траат веќе две недели оставија зад себе огромен број цивилни жртви и масовно раселување на населението. Обединетите нации и хуманитарните организации предупредуваат дека земјата се соочува со сериозна хуманитарна криза.

Според извештаи на водечки западни медиуми, во нападите се убиени голем број цивили, а често страдаат цели семејства.

Семејства уништени во ракетни напади

Новинар на „Гардијан“ јавува дека во нападите масовно гинат цели семејства, дури и за време на рамазанските вечери, додека цели градови на југот на земјата се испразнети.

Во меѓувреме, лидерот на Хезболах, Наим Касем, порача дека организацијата нема намера да се повлече.

„Пораз и предавање не постојат во нашиот речник. Ќе останеме цврсти на бојното поле без оглед на жртвите“, изјави тој.

Стотици илјади раселени, Бејрут преполн со бегалци

Цивилите во Либан се најголемите жртви на судирот меѓу Израел и Хезболах. Меѓународната организација за миграции соопшти дека до петок повеќе од 820.000 луѓе се регистрирале на владината платформа за раселени лица.

Сепак, помалку од 130.000 од нив добиле сместување во државни шатори.

Главниот град Бејрут е преполн со луѓе кои бегаат од јужниот дел на земјата. Дел од нив добиле организирано сместување, како што е просторот под трибините на националниот фудбалски стадион. Многумина, сепак, се принудени да живеат на улиците и долж брегот на градот.

„Ова е трка со времето. Очекуваме да пристигне уште поголем број луѓе и бараме помош од сите нивоа за да обезбедиме основни услови“, изјави Наџи Хамуд, директор на Генералната управа за спорт и млади.

УН предупредуваат на катастрофа

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека страдањето на либанското население е огромно.

„Кога бев висок комесар за бегалци, ја видов великодушноста на луѓето во Либан кои примија толку многу Сиријци и Палестинци. Денес ми се кине срцето кога гледам како страдаат Либанците“, рече Гутереш.

Еден од раселените жители, Јунис Диа, вели дека помошта е минимална.

„Сите зборуваат дека помагаат, но тоа не е вистина. Донесуваат малку храна, земаат за себе и си заминуваат. Нема лекови, нема начин да нè префрлат на безбедно место. Овде не сме воопшто безбедни“, изјави тој.

Повеќе од 770 загинати за помалку од две недели

Според Министерството за здравство на Либан, во израелските напади за помалку од две недели загинале повеќе од 773 лица. Меѓу жртвите има најмалку 103 деца.

Министерството не објави колку од загинатите биле припадници на Хезболах.

Меѓународниот кривичен суд во Хаг уште од 2024 година бара екстрадиција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни