Хуманитарна аукција „THREADS OF LIGHT“: Јавен повик до уметниците за поддршка на безбедноста во сообраќајот

Фондација Фросина Кулакова повикува уметници и креативци од целата земја да донираат дела за аукција што ќе се одржи на 29 јануари во Станица 26.

Фондацијата „Фросина Кулакова“, основана од семејството на трагично починатата Фросина, официјално го најавува своето отворање со донаторска вечер и хуманитарна аукција под наслов „THREADS OF LIGHT“, која ќе се одржи на 29 јануари во Станица 26 во Скопје.

Фондацијата е формирана со цел да развива долгорочни и системски решенија за подобрување на безбедноста во сообраќајот, подигнување на јавната свест и обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии. Преку едукација, застапување, кампањи за општествена одговорност и директна помош, Фондацијата настојува личната загуба да се трансформира во јавна мисија со конкретно општествено влијание.

Во тој контекст, упатен е јавен повик до уметници и креативци од различни области да се вклучат во хуманитарната аукција. На настанот ќе бидат застапени различни форми на уметничко и креативно изразување – од сликарство, скулптура и фотографија, до модни парчиња, дизајнерски предмети, мебел, светлосни објекти, инсталации и уникатни рачни изработки.

Во рамки на програмата ќе биде одржана и изложба, а ќе биде промовирана и химната на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Посебен сегмент од вечерта ќе бидат модни парчиња инспирирани од цртежите на Фросина Кулакова, реализирани од нејзини колеги и професори од матичниот факултет, како симболично продолжување на нејзиниот творечки дух преку колективна уметничка акција.

Средствата собрани преку аукцијата ќе бидат наменети за сите програмски активности на Фондацијата – вклучително и психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, кампањи за подигнување на јавната свест за сообраќајната безбедност, како и иницијативи за унапредување на законската рамка и институционалната заштита на жртвите.

Од Фондацијата посочуваат дека сообраќајните трагедии не завршуваат со самиот настан, туку оставаат долготрајни последици врз семејствата и заедницата. Според нив, токму уметноста може да биде простор за дијалог, солидарност и општествена одговорност, но и алатка за поттикнување на системски промени.

Сите заинтересирани уметници и креативци можат да се пријават со испраќање порака на Instagram профилот на Фондацијата, со фотографија од делото, краток опис и предложена почетна минимална донација.

Од Фондацијата упатуваат апел за широка поддршка и активно учество, нагласувајќи дека безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и дека секој придонес е чекор кон спречување на идни трагедии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни