Шпанија ќе забрани мрсна храна во училиштата и ќе воведе задолжителен свеж зеленчук за да ја спречи детската дебелина

Според извештај од 2023 година, речиси 46,7% од децат на возраст од 6 до 9 години чии семејства заработуваат помалку од 18.000 евра годишно имаат прекумерна тежина

Во април 2025 година, шпанската влада донесе кралски декрет со кој се воведуваат строги нови правила за исхрана во училишните мензи, со цел да се намали растечката стапка на дебелина кај децата – особено кај оние од социјално ранливи семејства.

Новите правила, кои важат за сите училишта – јавни, државно субвенционирани и приватни – од предучилишна возраст до средно образование и стручни училишта, предвидуваат:

Секојдневно сервирање свежо овошје и зеленчук, од кои најмалку 45% мора да бидат сезонски и од домашно производство. Секојдневна забрана за засладени пијалаци и брза храна во автомати. Риба и интегрални производи (како кафеав ориз или тестенини) најмалку еднаш неделно. Барем два органски оброци месечно. Пржена храна најмногу еднаш неделно, и тоа само ако е свежо приготвена, додека индустриски преработени производи (како пици и емпанадас) ќе смеат да се нудат најмногу еднаш месечно. Задолжително користење маслиново масло или масло од сончоглед со висок олеински состав за готвење како и понуда на вегетаријански и вегански опции.

Сиромаштијата го диктира квалитетот на исхраната

Мерките се одговор на алармантните податоци: според извештај од 2023 година, речиси половина (46,7%) од шпанските деца на возраст од 6 до 9 години чии семејства заработуваат помалку од 18.000 евра годишно имаат прекумерна тежина. Кај децата од повисоки примања, таа бројка изнесува 29,2%.

Дополнителни истражувања укажуваат дека дебелината кај децата во Шпанија е директно поврзана со социоекономскиот статус, лошата исхрана и седечкиот начин на живот. Децата од сиромашни семејства почесто јадат индустриски преработена храна, пијат засладени пијалаци и поретко појадуваат или спортуваат (PubMed).

Владата сака да ја намали здравствената нееднаквост

Министерот за потрошувачи и социјални работи на Шпанија, Пабло Бустиндуј, изјави дека реформата е насочена кон тоа сите ученици, без разлика на нивниот економски статус, да добијат пристап до квалитетна и здрава храна.

„Нашите училишни мензи мора да бидат пример за добра исхрана. Овие мерки имаат цел да создадат здрави навики од најрана возраст и да ја намалат здравствената нееднаквост“, рече Бустиндуј.

Според владата, дури 74% од мензите и 70% од автоматите во училиштата не ги исполнуваат националните нутриционистички стандарди, што го покажува итниот карактер на реформата.

Дополнително, се разгледува и забрана за рекламирање на нездрава храна за деца, но оваа регулатива сè уште е во застој поради спротивставување од Министерството за земјоделство (La Vanguardia).

Дебелината е растечки ризик

Иако вкупната стапка на дебелина кај возрасните во Шпанија (45,4%) е под просекот на Европската Унија, детската дебелина останува сериозен предизвик. Здравствените власти предупредуваат дека без сериозни интервенции, таа бројка ќе продолжи да расте во следните децении.

Оваа иницијатива претставува пример за сеопфатен пристап во справување со дебелината – преку образование, пристап до здрава храна и јавни политики што го ставаат здравјето на децата на прво место.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни