Природен Оземпик: Како да го намалите апетитот без лекови?

Иако овие природни методи нема да делуваат толку брзо како лековите, тие нудат поодржлив и поздрав пат до слабеење и подобро здравје

И покрај популарноста на лековите за слабеење како што се Оземпик и Вегови, истражувањата покажуваат дека поголемиот дел од луѓето сè уште претпочитаат да ослабат без употреба на медикаменти. За тие што сакаат природен пристап кон слабеењето, новите научни сознанија нудат интересни алтернативи.

Според стручњаците, определени прехранбени навики и нутритивни стратегии можат да предизвикаат природно зголемување на хормонот GLP-1 – истиот хормон што го активираат и лековите од групата на семаглутиди, кои го намалуваат апетитот и ја успоруваат дигестијата.

Што јадеме – и како го јадеме – има големо значење

Влакната кои се присутни во мешунките, зеленчукот, интегралните житарки, јаткастите плодови и семките, се најсилниот природен стимулатор на GLP-1. Кога бактериите од нашите црева ги ферментираат овие влакна, создаваат кратколанечни масни киселини кои го поттикнуваат лачењето на овој хормон.

Истото важи и за мононезаситените масти, како оние што ги содржат маслиновото масло и авокадото. Истражувањата покажуваат дека GLP-1 е значително повисок по оброк што содржи маслиново масло во споредба со оброк со путер.

Времето и редоследот се клучни

Но не е важно само што јадеме, туку и како и кога го јадеме.

  • Редоследот на јадење има значење: консумирањето протеини или зеленчук пред јаглехидрати (на пример: месо → ориз) доведува до повисоки нивоа на GLP-1.
  • Времето во денот исто така влијае: оброк наутро произведува значително повисок GLP-1 во споредба со истиот оброк навечер.
  • Брзината на јадење е уште еден фактор – полека консумиран оброк (на пр. сладолед во текот на 30 минути) доведува до повисок GLP-1 отколку брзо јадење.
  • Дури и начинот на подготовка е важен: свежо сецкан зеленчук (како зелка) го стимулира хормонот повеќе отколку истиот зеленчук пасиран како напиток.

Природен ефект, но не толку моќен како лековите

Иако ефектите од ваквите природни методи се послаби – бидејќи GLP-1 што се создава преку исхрана е стотици пати помал од оној предизвикан од лековите – тие носат подолготрајни здравствени придобивки.

Според некои истражувања, медитеранската исхрана намалува ризик од срцеви болести за 30%, додека лековите со GLP-1 го намалуваат тој ризик за 20%.

Стратегија за слабеење без лекови:

  • Појадувајте редовно и нека појадокот биде најголем оброк во денот.
  • Внесувајте храна богата со влакна во секој оброк.
  • Користете маслиново масло како главен извор на маснотии.
  • Прво јадете зеленчук и протеини, а потоа јаглехидрати.
  • Вклучете јаткасти плодови во исхраната.
  • Жвакајте бавно и уживајте во храната.
  • Јадете полека и свесно.

Иако овие природни методи нема да делуваат толку брзо како лековите, тие нудат поодржлив и поздрав пат до слабеење и подобро здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни