Оливер Белопета: Дваесет и четири години OFF Fest

Верност на концептот кој не признава компромис кога е добрата музика во прашање

Во сите овие 24 години, OFF Fest држи еден ист концепт, а тоа е да го претстави најдоброто од светската музика и тоа од сите меридијани. Така и оваа година се следи тој еден правец- да се избере најдоброто и најактуелното
Оливер Белопета

OFF Fest, еден од најзначајните музички фестивали во регионот, веќе дваесет и четири години останува верен на својата мисија – да го претстави најдоброто од светската музика, од сите меридијани. Основан со идејата да промовира уметничка автентичност без компромиси, фестивалот 24 години промвира одлична музика за побликата верна на убавиот звук.

Во ова интервју, Оливер Белопета, основач и директор на OFF Fest и Скопје Џез Фестивал, зборува за филозофијата зад фестивалот, неговиот меѓународен углед и за предизвиците со кои се соочува, како и за тоа зошто OFF Fest останува непоколеблив во својата музичка визија. Зборувавме и за Скопскиот џез фестивал, за џез публиката и за односот кон културата во земјава.

-Во сите овие дваесет и четири години на OFF Fest, држи еден ист концепт, а тоа да го претстави најдоброто од светската музика, и тоа од сите меридијани. Така да и оваа година се следи тој еден концепт без компромиси да се избере најдоброто и најактуелното, без оглед што тоа најдобро и најактуелно, не значи дека е познато за оваа публика овде кај нас. Компромис има само еден, а тоа е дека јас би сакал да фестивалот биде три пати поголем, а бидејќи се одржува во еден летен период, да биде на една убава летна сцена која ја имаат сите земји, не само во светот, туку и во регионот. Еве, Тирана, на пример, има прекрасни отворени простори за фестивали, Софија исто- вели Белопета.

Оливер Белопета

Марија Жоао – ѕвезда на OFF Fest

Годинава, една од најголемите ѕвезди е португалската пејачка Марија Жоао.
-Не можеш да ја споредиш нејзината музика со на пример, онаа на Canzoniere Grecanico Salentino од Италија – тие свират традиционална таранта и постигнале светски успех. Но, убавината на OFF Fest е токму во неговата музичка разновидност- додава тој.

Говорејќи за поддршката, Белопета нагласува дека OFF Fest и Скопје Џез Фестивал првпат останале без финансиска поддршка од Град Скопје минатата година.
-Ако институциите кои имаат должност да поддржат фестивал од меѓународен карактер се повлекуваат, поставува се прашањето: кому му е потребен фестивалот? – прашува Белопета.

Каква е публиката на фестивалот и како таа се менува низ годините?, го прашавме Белопета

-Изгубивме дел од младата публика – студентите кои заминаа од земјата. Но, забележуваме зголемен интерес од странски посетители, што покажува дека програмата привлекува меѓународно внимание- вели тој.

Оливер Белопета

Нема компромиси во програмата

OFF Fest и Скопје Џез Фестивал имаат култен статус во светот, членки се на најзначајните европски здруженија и поддржани се од ЕУ.
-За мене е важно фестивалите да го задржат високиот рејтинг, затоа во изборот на програмата нема компромис. Во глобалниот контекст, жанровите се влијаат едни врз други. Не можеш да речеш – ова е добар џез, а ова лоша музика. Секој жанр има свое место, но важно е да се прави разлика меѓу квалитетна музика и кич- забележува Белопета.

Тој ни го открива својот музички пат – љубовта кон џезот, вели започнала во 60-тите години, преку музиката на Реј Чарлс и Мајлс Дејвис.
– Иако по професија сум електроинженер, од 70-тите години водев радио емисии за џез и пишував музички колумни. Фестивалот се роди подоцна, како резултат на долгогодишната работа- споделува тој и додава:

-Работев во Македонската радио и телевизија. Тогаш водев на радио емисии за џез и пишував за Екран и потоа редовни колумни во Нова Македонија, музички. Џез фестивалот дојде подоцна. Значи има една своја историја која треба многу време да се раскаже, како започна и кој сè учествуваше во тоа. Првите неколку години беа скромни по углед, меѓутоа од крајот на осумдесеттите години фестивалот веќе прерасна во едно високо интернационално ниво кое има причини како и зошто се држи без падови и големи скокови. Зашто во секој случај, искуството мое кажува дека е полесно од нула нешто да се издигне а уште потешко е со години да се сочува квалитетот-вели Белопета.

А како странците се чувствуваат во Скопје? Каков впечаток им оставаме како град и како публика?

Странците ја сакаат сликата што им ја нудиме – топла земја, топли луѓе, добра храна. Но, ние знаеме дека реалноста е нешто друго. Секогаш избегнуваме да ги носиме на плоштад да ја видат урбаната несреденост- признава Белопета.

И на самиот крај зборувавме малку за следните планови и иднината на фестивалите

-Програмата се планира од ноември, но секоја година постои дилемата дали фестивалите ќе преживеат. Финансискиот пад е голем, но ако продолжиме – ќе продолжиме само со квалитетна програма,“ заклучува тој.

Васко Лазаревски

Адријана Георгиев

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни