Најновата серија на Нетфликс, психолошкиот трилер „Bet“, која се одвива во елитно приватно училиште, за само неколку дена успеа да го освои вниманието на публиката ширум светот. Веќе се водат разговори и шпекулации за можна втора сезона, со оглед на тоа што интересот е огромен.
Серијата беше објавена на платформата на 15 мај, а според податоците, за помалку од една недела е гледана над 13 милиони часови, јавува Index.hr.
Заплетот следи јапонска средношколка по име Јумеко, која пристигнува во престижниот интернат „Свети Доминик“ и целосно го менува хиерархискиот поредок благодарение на својот талент за коцкање и обложување. Во главните улоги блескаат младите актерки Мику Мартино, Ајо Соланки и Ив Едвардс.
Серијата е базирана на популарната јапонска манга „Kakegurui“, но режисерот и шоуранер Сајмон Бери одлучил да не ја преслика дословно оригиналната приказна. Наместо тоа, тој ја создаде серијата како омаж – нова, свежа интерпретација која го задржува духот и енергијата на оригиналот.
„Немаше смисла да се повторува нешто што веќе функционира совршено. Наместо тоа, се насочивме кон тонот, смелоста и забавата кои ја направија ‘Kakegurui’ толку уникатна“, изјави Бери за Tudum.
„Bet“ брои десет епизоди и веќе се најде меѓу топ 10 најгледани содржини на Нетфликс. Иако платформата овозможуваше постепено гледање, многу гледачи признале дека ја изгледале целата сезона во еден здив.
Реакциите се претежно позитивни. На Rotten Tomatoes, еден фан напиша:
„Одлична серија, апсолутно мора да ја погледнете!“
Посебни пофалби доби актерката Мику Мартино за улогата на Јумеко, додека Клара Александрова била оценета како „интензивна и немилосрдна“ во улогата на Кира.
Со оглед на високите бројки на гледаност, силните критики и популарноста на оригиналниот материјал, „Bet“ има потенцијал да стане еден од најголемите хитови на Нетфликс за 2025 година. Фановите со нетрпение чекаат најава за продолжение, надевајќи се дека оваа приказна за коцкање, моќ и преживување ќе добие ново поглавје.