Париз во последните години направи драматичен напредок во сообраќајната инфраструктура. Сега се смета за еден од најдобрите градови во Европа за деца кои пешачат, возат велосипед и се движат самостојно.
Градот на светлината е прв меѓу 36 европски градови благодарение на својата релативно нова и обемна мрежа на заштитени велосипедски патеки, намалени ограничувања на брзината и зони со мал или без сообраќај во близина на училиштата.
Амстердам, Антверпен, Брисел, Лион и Хелсинки се веднаш зад Париз, a ова е комплетната листа на градови во ЕУ..
Ова се некои од клучните наоди од неодамнешната анализа за тоа колку транспортните системи на 36 европски градови ги земаат предвид потребите на децата.
Новата ранг-листа и пратечкиот извештај ги објави Кампањата за чисти градови (Clean Cities Campaign), мрежа на непрофитни организации. Листата беше објавена на самитот „Да почнеме со децата“ во Братислава, Словачка.
„Децата денес имаат помалку слобода самостојно да се движат низ градовите и се физички помалку активни од порано, особено девојчињата“, изјави Барбара Штол, виша директорка на Кампањата за чисти градови. „Но, нашата ранг-листа покажува дека родителите, наставниците и градските власти можат да постигнат огромен и брз напредок.“
Рангирањето се базираше на официјални податоци добиени од градските власти низ Европа, а беа разгледани три критериуми поврзани со тоа колку градовите и мобилноста се прилагодени за децата.
Зони во близина на училиштата
Познати како „училишни улици“, во овие зони сообраќајот е регулиран за да се зголеми безбедноста, да се намали бучавата и да се подобри квалитетот на воздухот. Исто така, се создава дополнителен простор за деца да пешачат, возат велосипед и да се играат.
Лондон има 525 вакви зони во близина на основни училишта – значително повеќе од кој било друг град на листата. Милано и Париз се на второ и трето место.
Заштитена велосипедска инфраструктура
Истражувачите наведуваат дека децата се чувствуваат побезбедно на велосипедски патеки кои се физички одвоени од сообраќајот.
Париз и Хелсинки имаат заштитена мрежа на велосипедски патеки која опфаќа речиси половина (48 проценти) од нивната улична мрежа – повеќе од кој било друг град на листата. Копенхаген следи со 43 проценти.
Ограничувања на брзината
Градските ограничувања на брзина од 30 километри на час се познати по тоа што го намалуваат загадувањето и бројот на сообраќајни несреќи.
Париз го применува ова ограничување на речиси целата должина на своите улици (89 проценти) – повеќе од кој било друг град во истражувањето. Потоа следат Брисел и Лион, па Амстердам, Бристол и Мадрид.
Примерот на Болоња
Болоња минатата година стана првиот поголем италијански град што воведе ограничување на брзина од 30 километри на час на голем дел од градската патна мрежа.
Поддржана од градоначалникот Матео Лепоре, иницијативата „Град 30“ (Città 30) имаше за цел да го намали бројот на загинати во сообраќај, загадувањето и да ги направи јавните простори побезбедни и попријатни за сите.
Политиката првично се соочи со силен отпор. Но само една година подоцна, резултатите се извонредни.
Бројот на сообраќајни несреќи се намали за 13 проценти, бројот на повредени за 11 проценти, а бројот на загинати на патиштата за 49 проценти. За првпат откако се водат евиденции, ниту еден пешак не загинал.
Исто така се зголемиле користењето на велосипеди, споделување на автомобили и употреба на јавен превоз.
Истражувачите наведуваат дека Германија и Полска немаат ниту еден град во првите 10, поради длабоко вкоренетата автомобилска култура и фактот што градовите немаат целосна контрола над ограничувањата на брзината и паркирањето.
Посветени градски лидери – клуч за успехот
Во извештајот се наведува дека биле избрани 36 градови што претставуваат пресек на различни географски локации, големини и пристапи кон мобилноста.
Од градови со долготрајна посветеност кон побезбедна, поздрава и поодржлива урбана средина, како Амстердам и Копенхаген, до релативно нови примери како Париз, Брисел и Лондон.
Посветените градски лидери, повеќе отколку националните политики, често се клучот за успехот на еден град, велат од Чисти градови.
Групата им препорачува на владите да им дадат поголеми овластувања на градовите, а на Европската комисија да ги подобри правилата за собирање податоци и да промовира „училишни улици“ и заштитени велосипедски патеки во идните законодавни насоки.
„Пешачењето низ Париз денес е вистинско освежување во споредба со пред 10 години“, додаде Штол. „Потребни се визија, лидерство и континуирани инвестиции. Повеќето градови можат и треба да постигнат сличен напредок.“