Калас, воедно, изрази противење на новиот систем за дистрибуција на хуманитарна помош, поддржан од САД и Израел, кој ги заобиколува Обединетите нации и другите хуманитарни организации. „Ние не ја поддржуваме приватизацијата на дистрибуцијата на хуманитарна помош. Хуманитарната помош не може да се претвори во оружје“, рече таа.
Од обновувањето на воените дејства во март, израелските воздушни напади и други операции, според Министерството за здравство управувано од Хамас, убиле 3.924 лица. Израел наведува дека нивните акции се насочени кон уништување на Хамас и враќање на заложниците што ги држи групата.
Изјавите на Калас доаѓаат по коментарите на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „веќе не ги разбира“ целите на Израел во Газа. „Начинот на кој е погодено цивилното население… повеќе не може да се оправда со борба против тероризмот на Хамас“, додаде тој.
Иако ЕУ е меѓу најголемите донатори на хуманитарна помош за Газа, Калас истакна дека поголемиот дел од помошта не стигнува до Палестинците поради израелската блокада. „Страдањето на луѓето е неодржливо“, рече таа.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, ги осуди неодамнешните израелски напади врз цивилната инфраструктура во Газа како „одвратни“ и „несразмерни“.
Британија, Франција и Канада исто така упатија најостри критики досега, барајќи Израел да ја прекине офанзивата. Велика Британија потоа соопшти дека ги прекинува трговските разговори со Израел.
Европската Унија започна формална ревизија на својот трговски договор со Израел, а Калас најави дека ќе претстави „опции“ на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел на 23 јуни.
Агенциите на ОН предупредуваат дека 2,1 милион жители на Газа се соочуваат со катастрофални нивоа на глад по речиси тримесечната израелска блокада, која почна да се ублажува дури минатата недела.
Новата хуманитарна шема, поддржана од Израел и САД, е управувана од контроверзната Хуманитарна фондација Газа (GHF), и користи американски безбедносни изведувачи додека ги заобиколува ОН. ОН ја отфрли шемата како неетичка и нефункционална. Вашингтон и Тел Авив тврдат дека ова го спречува присвојувањето на помошта од Хамас, што групата го негира.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повтори планови за преместување на целото население на Газа во „стерилна зона“ на југот, додека борбите продолжуваат. Тој најави и „доброволна емиграција“ на дел од населението — план што критичарите го опишуваат како присилно протерување.
Воената офанзива на Израел започна по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1.200 луѓе и 251 лице беа земени како заложници.
Од тогаш, според Министерството за здравство на Газа, загинале најмалку 54.084 лица.
Извор: BBC