На секои шест секунди, еден живот згаснува поради употреба на тутун. Рак на белите дробови, срцеви удари, хронични респираторни заболувања—списокот на последици е долг, а бројките се немилосрдни. Светската здравствена организација предупредува: тутунот убива над 8 милиони луѓе годишно, од кои 1.2 милиони се жртви на пасивното пушење.
Македонија не е исклучок—со речиси половина од населението што активно пуши, државата се соочува со алармантни бројки на заболувања и превремена смртност.

Европската Унија се движи кон посилни рестрикции: зголемени даноци, забрана за аромати во цигарите, строга контрола на маркетингот. Истражувањата покажуваат дека ваквите политики функционираат—стапката на пушење во ЕУ опаѓа, но дали е доволно?
Во земјава, 25% од смртните случаи се поврзани со тутунот. Лекарите предупредуваат: секоја цигара е чекор поблиску до хронични болести.

Штетноста на тутунот и поврзани болести
Тутунот е директно поврзан со повеќе од 20 различни болести, вклучувајќи: Рак на белите дробови кој е во 80% од случаите поврзан со пушење. Пушењето е причина за 30% од смртните случаи од срцеви удари и мозочни удари. Ризикот кај пушачите е 5-8 пати поголем отколку кај непушачите. Пушењето значително го зголемува ризикот од рак на грлото, хранопроводникот, желудникот, панкреасот и дебелото црево, а поврзано со предвремено породување, ниска родилна тежина и зголемен ризик од спонтани абортуси. Импотенција кај мажите и намален фертилитет кај жените – е директно поврзана со пушењето и негативно влијае на репродуктивното здравје.
Статистика за употреба на тутун по региони
Глобално, околу 22.3% од светската популација користи тутунски производи. Во Европа, 1.6 милиони луѓе годишно умираат од болести поврзани со тутунот. Во Западна Европа пушењето опаѓа, но во Југоисточна Европа се бележи пораст, особено кај младите жени. Во 2022 година, се проценува дека 179 милиони луѓе во Европскиот регион биле активни корисници на тутунски производи: 114 милиони мажи, 65 милиони жени.
Во Европскиот регион, околу 4 милиони адолесценти на возраст од 13 до 15 години користат тутун во различни форми. Во земјава 48.4% од возрасната популација пуши, што ја става земјата меѓу најзагрозените во Европа. Годишно, над 5.000 луѓе умираат од болести поврзани со тутунот.

Политики за контрола на тутунот
Европската Унија презема мерки како зголемување на даноците, забрана за рекламирање и ограничување на пристапот до тутунски производи. Истражувањата покажуваат дека ваквите политики функционираат—стапката на пушење во ЕУ опаѓа, но дали е доволно?
Оваа година, кампањата за СДБТ има за цел да ги открие стратегиите што ги користи индустријата за тутун и никотин за да ги направи нивните штетни производи привлечни, особено за младите. Со разоткривање на овие тактики, СЗО сака да ја подигне свеста, да се залага за посилни политики, вклучувајќи забрана на вкусови што ги прават производите попривлечни, и да го заштити јавното здравје.
Шефот на канцеларијата на СЗО во Скопје, Аким Али, истакна дека седум милиони деца во светот се пушачи. Вознемирувачки е, вели, фактот дека седум од десет пушачи во земјава започнале со пушење од рана детска возраст.
„Седум милиони деца насекаде во светот се пушачи. Навистина е вознемирувачки да се знае фактот дека седум од десет пушачи во Северна Македонија започнале со пушење во рана детска возраст. Ќе се согласите со мене дека е неприфатливо податоците од 100 смртни случаи поврзани со тутунот, една петтина припаѓаат на пасивното пушење, така што пушачите не го уништуваат само сопственото здравје, туку и здравјето на своите деца, членовите на семејството и општата јавност. Кога луѓето користат тутун, покрај болестите како што се канцерот, респираторните болести кои се јавуваат во текот на животот, дури и оние пациенти кои се пократко хоспитализирани, тие сепак остануваат подолго во споредба со другите пациенти и нормално тоа ги зголемува трошоците“, рече Али.

Пушењето е еден од главните причинители за голем број на незаразни заболувања, посочи директорката на ИЈЗ Марија Андоновска, затоа, според неа мора постојано да се потсетува населението за негативното влијание на пушењето врз нивното здравје. Алармантни се податоците од истражувањата, вели, дека половина од возрасната популација во државата се активни пушачи.
За да се обезбедат долгорочни и одржливи ефекти, претставничката на Обединетите нации, Рита Колумбија, посочи на важноста од интегрираниот пристап и спроведувањето на законите.
„Интегрираниот пристап е клучен фактор за обезбедување долгорочни и одржливи ефекти. Има докази дека тутунот влијае врз примањата и маргинизираните заедници, тоа значи дека не е прашање само за јавно здравје, туку претставаува прашање на социјална правда. Мора да се увериме дека контролата на тутунот е инклузивна и соодветна, што значи треба да се обрне внимание на оние кои што ранливи“, рече Колумбија.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, изнесе податоци кои што покажуваат дека веројатноста да започнат со пушење кај младите кои имаат пријатели пушачи е 62 отсто, додека, кај оние кои имаат родители пушачи веројатноста изнесува 79 проценти.
„Имаме податоци кои што покажуваат дека младите кои имаат пријатели кои што пушат имаат 62 проценти шанса да започнат да пушат, додека оние кои имаат родители кои што пушат, кај нив веројатноста дека ќе почнат да пушат изнеува 79 проценти. Значи притисокот и влијанието доаѓа и од родителите и од другарите и пријателите и тоа е од критична важност, што мора да се земе предвид во стратегиите кои што ќе ги развиваме“, рече Милер.
Светскиот ден без тутун е потсетник дека секоја преземена мерка спасува животи. Дали ќе ја искористиме шансата да создадеме генерација што ќе го избере животот наместо зависноста? Време е за промена.