Во Европската унија се соочуваат со растечки предизвици поврзани со стареењето на здравствениот кадар, што го загрозува одржувањето на квалитетни здравствени услуги. Според извештајот Health at a Glance: Europe 2024 објавен од ОЕЦД и Европската комисија, во 2022 година дури 35% од лекарите во ЕУ биле на возраст од 55 години и повеќе.
Во речиси половина од земјите-членки, повеќе од 40% од лекарите припаѓаат на оваа старосна група, што значително го зголемува ризикот од недостиг на медицински персонал во следните години. Ситуацијата е особено сериозна во земјите каде што речиси секој петти лекар е постар од 65 години.

Италија и Бугарија на врвот на листата по најстар медицински кадар
Според податоците на Евростат, Италија и Бугарија имаат највисок удел на лекари над 55 години — дури 54%. Дури 27% од лекарите во Италија се постари од 65 години. Во споредба, во Романија само 21% од лекарите се над 55 години, што ја прави земјата со најмлад медицински кадар во ЕУ. Малта, пак, има највисок процент на млади лекари под 35 години — дури 46%.
Во Германија и Франција, околу 44% од лекарите се над 55 години, а слични бројки се регистрирани и во Латвија, Унгарија, Белгија, Литванија и Полска.
Зошто постојат толкави разлики меѓу земјите?
Според експертите од ОЕЦД, разликите во старосната структура на лекарите се резултат на комбинација од структурни политики, недоволен број места на медицинските факултети, недоволни инвестиции во здравствениот сектор, но и културни фактори.
„Недостатокот на рамнотежа меѓу работата и личниот живот, ниските плати и административните оптоварувања ги одвраќаат младите лекари да останат во професијата или ги тераат да емигрираат“, вели Гаетан Лафортун, економист во ОЕЦД и координатор на извештајот.
Недостигот на лекари расте, старее и населението
Во 2022 и 2023 година, 20 земји во ЕУ пријавиле недостиг на лекари, додека 15 земји се соочуваат и со недостиг на медицински сестри. Ова се случува во услови на т.н. „двоен демографски предизвик“ — стареењето на населението паралелно со стареење на здравствениот кадар.
Прогнозите покажуваат дека до 2050 година, односот на лица над 65 години наспроти вработените во здравствениот сектор ќе се зголеми од 3,49 (во 2022) на 3,94. Ова значи дека ќе има сè помалку здравствени работници на располагање за постарата популација.
Иако Македонија не е опфатена во овој извештај, состојбите во земјата се слични. Последните години сведочиме на масовна емиграција на медицински кадар, особено млади лекари и медицински сестри, кои бараат подобри услови во странство. Без системски реформи и долгорочни инвестиции во медицинското образование и условите за работа, ризикуваме слична криза каква што ја доживуваат земјите во ЕУ, сметаат експертите по јавно здравје.