Во периодот од 28 до 31 мај 2025 година, во Скопје ќе се одржи мултидисциплинарниот истражувачки проект „Градот како сцена: Еколошки иднини“, кој ги поврзува современите просторни практики со урбаната еколошка трансформација. Преку серија работилници и јавно предавање, проектот се занимава со начините на кои градот има потенцијал за трансформација во сцена за заедничко и солидарно делување, низ принципите на демократијата и меѓусебното поврзување.
Еколошки иднини во фокус ги има студентите, уметниците, архитектите и локалната заедница како клучни актери за создавање на нови модели на урбано живеење. Преку истражување на концептот на „урбано готвење“ и сценографски просторни интервенции во јавниот простор, се развиваат конкретни алатки и решенија за управување со просторот што ги поттикнуваат демократијата, еколошкото учество и активизмот. Проектот е дел од пошироката eдукативна Лабораторија за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, која од мај до ноември 2025 организира различни активности за развој на еколошки и социјално одржливи урбани интервенции.
Локации – Кино во Железничка зграда (ул. Борка Талевски 26) и Архитектонски факултет – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ , Скопје (Булевар „Партизански одреди“, 1000 Скопје)

ПРОГРАМА:
28–31 мај 2025, 15:00 – 19:00 ч.
ИДНИНАТА НА КИНОТО [релациите] ВО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ЗГРАДА – модели на управување преку [урбано] готвење
Работилница со студенти на Архитектонскиот факултет – УКИМ, во која преку практични вежби и сценографски просторни интервенции се истражуваат нови форми на урбано живеење и управување со јавниот простор. Работилницата ја водат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од „Floating University Berlin“ – познат интернационален архитектонско-уметнички експериментален колектив посветен на одржлив развој и урбани трансформации.
Линк до формата за пријава: https://shorturl.at/br0o1
Локација: Кино во Железничка зграда (ул. Борка Талевски 26) и Архитектонски факултет (Бул. Партизански одреди).
28 мај 2025, 19:30 – 20:30 ч.
Методи на урбана пракса – јавно предавање на „Floating University Berlin“Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси ќе презентираат примери од нивната работа и ќе дискутираат за улогата на просторните интервенции и колективниот пристап кон урбаните предизвици.
Локација: Амфитеатар на Архитектонски факултет – УКИМ.
31 мај 2025, 12:00 – 15:00 ч.
Колективно [што и да значи тоа] готвиме
Перформативна јавна презентација на резултатите од работилницата „Иднината на киното“ – спој на урбано готвење и просторни интервенции како модел на управување и соработка во јавниот простор.
Локација: Кино во Железничка зграда.
[За проектот „Градот како сцена: Eколошки иднини“]
Овој проект ја става во центарот трансформацијата на урбаниот простор преку фокус на локалните актери и практики. Преку принципот „од долу нагоре“, се овозможува солидарно и активно учество во креирањето на просторите, промовирајќи демократски и социјално праведни модели кои го поврзуваат локалното со глобалното. Проектот успешно ја спојува еколошката свест со социјалниот дискурс, поддржувајќи визии за одржливи иднини кои веќе ги развиваат бројни актери од уметничката и академската сцена.
ШТО ПРЕТСТАВУВА ПРОЕКТОТ ГРАДОТ КАКО СЦЕНА?
Долгорочниот уметничко-кураторски проект „Градот како сцена“, инициран од Филип Јовановски, претставува едукативно истражувачка и продукциска лабораторија. Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, „нова” дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор.

ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ПРОСТОРНО ИЗВЕДУВАЧКИ ПРАКТИКИ
Лабораторијата за просторно изведувачки практики Градот е сцена претставува интердисциплинарна платформа, која во својот фокус го има истражувањето, разбирањето и создавањето на современиот јавен (изведбен) простор преку експериментален, процесен и колаборативен пристап.
Покрај вклученоста на студентите и граѓаните во работа кој претставува основа за градење на содржината на проектите со кои ќе се занимава лабораторијата, ваквиот пристап овозможува и можност за активирање на соработка со разни институции на државата и локалната самоуправа, но и проектни соработки со слични колективи од регионот и од Европа кои веќе имаат остварено значителни успеси во процесите на одржување и надградување на вредностите поврзани со дискурсот на јавното во градовите.
• Овој пристап на работа е започнат со долгорочниот проект „Кога зградите би зборувале“ (2014 – ) каде во фокус на работата беше урбаната заедница (станарите) во киното на Железничка зграда (јавен простор) во Скопје, проект кој беше претставен во рамки на Прашкото квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ2019), добитник на главната награда „Златна Трига“ со следното образложение:
„Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст”.
Продукција: Лабораторија за просторно изведувачки практики Градот како сцена во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ – „АКТО фестивал за современи уметности“.
Проектот е поддржан од ГЕТЕ Институт Скопје во партнерство со списанието во областа на архитектурата и урбанизмот ARCH +, Програмата за култура на Швајцарска амбасада во Република Северна Македонија.
Партнери на проектот Градот како сцена: Еколошки иднини: ГЕТЕ ИНститут Скопје, ARCH +, Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Пловечки универзитет – Берлин, Факултетско студентско собрание – Архитектонски факултет – УКИМ Скопје.
Партнери на проектот Градот како сцена: изведување на јавниот простор:
Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ГЕТЕ ИНститут Скопје, Институт за уметност и театар од Чешка- Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор(PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Факултет за драмски уметности – УКИМ Скопје, FONTYS Универзитетот за Уметност од Тилбург – катедра за мастер студии Performing public spaces.