25 Мај – Ден на младоста и симбол на Југословенската Ера

Денот на младоста беше повеќе од празник – тој беше симбол на југословенскиот социјализам, култот кон Тито и идејата за братство и единство. Иако денес не се одбележува официјално, многу луѓе сè уште го паметат како дел од своето минато и го чествуваат во рамките на неформални собири и комеморации.
Ден на младоста

Денот на младоста беше еден од најзначајните празници во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Иако Јосип Броз Тито беше роден на 7 мај, 25 мај беше избран како негов официјален роденден и се славеше како Ден на младоста. Овој ден беше симбол на младинскиот ентузијазам, социјалистичките идеали и култот кон Тито, кој беше претставуван како обединувачка фигура на југословенските народи.

Денот на младоста започна да се одбележува во 1945 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Првично, празникот беше поврзан со роденденот на Тито, но во 1957 година, на негова иницијатива, беше официјално прогласен за Ден на младоста.

Главниот симбол на празникот беше Штафетата на младоста, која се носеше низ целата територија на Југославија од младинци, успешни студенти, спортисти и работници. Штафетата завршуваше на 25 мај со свечена церемонија на Стадионот на ЈНА во Белград, каде што му се врачуваше лично на Тито.

Одбележувањето на Денот на младоста беше грандиозно и вклучуваше масовни манифестации, паради, културни настани и спортски активности. Најголемата прослава се одржуваше во Белград, каде што се организираше слет – спектакуларна приредба со учество на илјадници млади луѓе, кои изведуваа кореографски точки во чест на Тито.

Во Кумровец, родното место на Тито, секоја година се собираа илјадници луѓе за да го одбележат празникот. Во 2024 година, на комеморацијата во Кумровец присуствуваа речиси 10.000 луѓе, кои носеа симболи од поранешна Југославија, како капи „титовка“ и пионерски шалови.

Историја и број на штафети

Првата штафета на младоста беше воведена во 1945 година, на предлог на младината од Крагуевац, и беше наречена „Титова штафета“. Во 1946 година, 12.500 младинци ја носеа низ Југославија, претрчувајќи траса од 9.000 километри.

Во текот на годините, бројот на штафети значително се зголеми. До 1956 година, Тито лично примаше повеќе штафетни палки, но од 1957 година беше воведена една главна штафета, која се носеше низ целата земја.

Последната официјална штафета беше во 1987 година, кога беше организиран последниот слет на Стадионот ЈНА во Белград. Во 1988 година, Сојузот на социјалистичката младина на Југославија го укина слетот и штафетата. Штафетите беа изработувани од различни материјали, најчесто дрво, метал и плексиглас, а секоја година имаше уникатен дизајн. Некои штафети беа украсени со петокрака, додека други имаа симболи на братството и единството.

Во 1987 година, во Словенија беше предложен дизајн инспириран од германска нацистичка плаката, што предизвика голем скандал.

Денес, голем број штафети се чуваат во музеи и приватни колекции низ поранешните југословенски републики. Некои од најзначајните штафети се изложени во Музејот на Југославија во Белград каде што посетителите можат да ги видат оригиналните палки што му биле врачувани на Тито. Некои штафети се чуваат во локални музеи во Хрватска, Словенија и Македонија, а дел од нив се во приватни колекции на поранешни учесници во штафетата.

Улогата на Тито

Јосип Броз Тито беше централна фигура на празникот. До неговата смрт во 1980 година, штафетата му се врачуваше лично, а по неговата смрт, традицијата продолжи до 1987 година, кога штафетата ја примаа претставници на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија.

Во 1987 година, последен пат беше организиран слетот на белградскиот стадион, а во 1988 година Сојузот на социјалистичката младина на Југославија официјално го укина празникот.

Инаку доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – Јосип Броз Тито, човекот кој изгради своја варијанта на социјализам среде Европа поделена од две спротивставени сили кои се борат за светска доминација. Тој несомнено беше една од најмаркантните личности на 20 век, не само на Балканот туку и низ земјите од двете страни на Железната завеса. Слично како и секоја истакната историска личност, овој комунистички лидер покренува многу различни мислења. Додека некои го гледаат како добронамерен диктатор кој изградил самодоволна социјалистичка империја среде поделена Европа без да се поклонува пред некој источен или западен лидер, други го гледаат како авторитарец кој користел политичко угнетување за да ја создаде сликата за мирна кохабитација меѓу народите длабоко се разликуваат по етничката и религијата.

Јосип Броз Тито е човекот кој му рече „не“ на Сталин. Тој беше единствениот странски претседател што запали пура во Овалната соба. Овој човек во својата летна резиденција ги пречека најистакнатите политички и јавни личности на 20 век, вклучувајќи го британското кралско семејство, Елизабет Тејлор, Софија Лорен и многу други.

Тито бил долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините вооружени сили и ја предводел Југославија во Втората светска војна. По војната бил премиер, а подоцна и претседател на државата.

Јосип Броз Тито бил еден од основачите и прв генерален секретар на Движењето на неврзаните – организација родена во текот на Студентата војна помеѓу капиталистичкиот Запад и социјалистичкиот Исток и во која биле обединети неколку земји што не припаѓале на ниеден од двата доминантни блока – НАТО и Варшавскиот пакт.

Погребан е на Дедиње во Белград, во „Куќата на цвеќето“. Неговиот погреб, според бројот на политичари и државни делегации, се смета за еден од најголемите во светската историја на дваесеттиот век.

Денот на младоста беше повеќе од празник – тој беше симбол на југословенскиот социјализам, култот кон Тито и идејата за братство и единство. Иако денес не се одбележува официјално, многу луѓе сè уште го паметат како дел од своето минато и го чествуваат во рамките на неформални собири и комеморации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни