Бродот AP Astarea од флотата на компанијата Атлантска пловидба, со кој управува задaрската компанија Танкерска пловидба, се наоѓа во Персискиот Залив, во водите на Обединетите Арапски Емирати. На бродот се наоѓаат и пет хрватски морнари, јавува телевизијата N1.
Според податоци на CNN, поради неодамнешните ирански напади во регионот моментално се „блокирани“ повеќе од 150 бродови кои чекаат безбедна можност за пловидба.
„Безбедноста е на прво место“
Од управата на компанијата соопштуваат дека состојбата засега е стабилна и дека бродот, на кој има вкупно 22 членови на екипажот, не е во непосредна опасност.
„На бродот има пет хрватски државјани. Во редовен контакт сме со капетанот и сметаме дека бродот, кој е добро снабден со резерви, моментално се наоѓа на безбедна позиција. Доколку биде потребно, можно е да се организира и смена на екипажот“, изјави Сања Путица, раководителка за односи со инвеститори и јавност во Tанксерска пловидба.
Таа додаде дека екипажот има јасни инструкции за постапување во вонредни ситуации и дека безбедноста на луѓето е апсолутен приоритет.
„Никаков комерцијален притисок нема да му се наметне на бродот на сметка на безбедноста. Преминот низ Ормускиот теснец е одложен до понатаму, сè додека ситуацијата не се стабилизира“, нагласи Путица.
Координација на институциите
По избувнувањето на конфликтот бил одржан и координациски состанок во хрватското Министерство за море, на кој покрај претставници на бродските компании и синдикатите учествувале и претставници на повеќе државни институции.
На состанокот било договорено да се свика посебен штаб за координација на активности во случај на закана за хрватските бродови и морнари во меѓународната пловидба.
Стотици хрватски морнари во регионот
Покрај петтемина морнари на бродот AP Astarea, во поширокиот регион се наоѓаат уште околу 250 хрватски државјани. Тие се распоредени на бродови во Оманскиот Залив, од другата страна на Ормускиот теснец.
„Во Оманскиот Залив има околу 250 наши морнари. Сите се добро и никој не бил нападнат, а безбедни се и бродовите на кои пловат“, изјави за порталот N1info.hr генералниот секретар на Синдикатот на морнари Невен Мелван.
Ормускиот теснец – клучна артерија на светската трговија со нафта
Ормускиот теснец, кој ги поврзува Оманскиот и Персискиот Залив, е еден од најважните и најчувствителни поморски коридори во светот, особено за транспортот на нафта и течен природен гас.
Низ него поминува приближно петина од светската трговија со нафта. Пред ескалацијата на конфликтот, секојдневно низ теснецот минуваа десетици танкери од Саудиска Арабија, Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар.
На глобалниот пазар на трудот работат околу 16.000 хрватски морнари, кои во најголем дел пловат на бродови под странски знамиња.