Хрватска ќе ја ограничи продажбата на алкохол за да се справи со пијаните туристи

Туристичките одморалишта или градовите што имаат проблеми со целодневната консумација на алкохол би можеле да ја забранат продажбата по 17.00 часот

Пијани и безобразни туристи кои ги оштетуваат јавните површини на приморските градови, се речиси традиционална слика за хрватското приморје, па оттаму властите планираат да донесат системски промени за да се спречат ваквите појави.

Имено, Хрватска ќе воведе ограничувања за продажба на ладни алкохолни пијалоци ако нема дополнителна дозвола од градот или општината.

Според хрватските медиуми, Министерството за економија планира да го измени Законот за трговија до крајот на годината, што ќе им овозможи на локалните власти да воведат значителни ограничувања за продажба на ладни алкохолни пијалоци. Според првичните информации, градовите и општините ќе добијат право да одредат во кои објекти и во кое време може да се продаваат вакви пијалоци.

Туристичките одморалишта или градовите што имаат проблеми со целодневната консумација на алкохол би можеле да ја забранат продажбата по 17 часот или во некое друго време.

– Градските центри повеќе нема да изгледаат како што изгледаат ноќе, поради пијанство. Ваквите купувања не се можни ниту во некои други земји. На пример, во Австрија не можете да купите алкохол на киоск или бензинска пумпа во скијачки центар – изјави соговорник на хрватскиот портал 24 сата од Министерството за економија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни