Кризата со возачите од Босна и Херцеговина на границите на Хрватска нагло ескалира, откако дури 875 камионџии биле вратени назад поради правилата за престој во Шенген зоната. Ситуацијата веќе предизвикува сериозни последици за транспортниот сектор, а компаниите предупредуваат дека се на работ на колапс.
Министерот за транспорт Един Форто изјави дека проблемот погрешно се третира како миграциско прашање, наместо како економско и трговско. Тој најави иницијативи кон Европската унија и хрватските власти за изнаоѓање решение.
Од бизнис-заедницата предупредуваат дека последиците можат да бидат далекусежни. Мирсад Јашарспахиќ од Стопанската комора на Федерацијата БиХ посочува дека прекините во транспортот можат да предизвикаат „домино ефект“ и да ги исфрлат домашните компании од глобалните синџири на снабдување.
Слична загриженост изрази и Горан Рачиќ од Стопанската комора на Република Српска, кој ја оцени ситуацијата како најголем економски предизвик од војната наваму.Дополнителен проблем е неусогласената примена на правилата на границите. Според превозниците, на некои премини се дозволува влез, додека на други возачите се враќаат, што создава целосна неизвесност во работењето.
„Никогаш не знаеме дали возачот ќе ја помине границата или ќе биде вратен“, предупредуваат од секторот, додавајќи дека некои компании веќе губат стотици илјади евра дневно. Доколку брзо не се најде решение, превозниците најавуваат нови протести, нагласувајќи дека не сакаат да ги блокираат другите, туку да укажат дека и самите се – блокирани.