Австралија издаде предупредување поради новиот закон за задолжителен воен рок во Хрватска

Хрватска по 17 години повторно воведува задолжителна воена служба, а Австралија предупредува граѓани со двојно државјанство дека би можеле да се соочат со казни ако не се одѕват на повикот.

Австралиските власти издадоа предупредување до своите граѓани со двојно австралиско-хрватско државјанство, откако Хрватска усвои закон со кој повторно се воведува задолжителниот воен рок – првпат по речиси две децении.

Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија објави дека сите мажи со хрватско државјанство на возраст меѓу 18 и 30 години ќе мора да ја исполнат својата обврска според новиот закон, кој стапува на сила на 1 јануари 2026 година.

„Непочитувањето на оваа обврска претставува прекршок,“ стои во соопштението на австралиската влада, која им препорача на граѓаните да се информираат за деталите кај Министерството за одбрана на Хрватска или во најблиското хрватско дипломатско претставништво.

Проценките покажуваат дека законот би можел да се однесува на стотици, па и илјадници млади во рамки на хрватската дијаспора во Австралија, што предизвика забележлива загриженост меѓу заедницата.

Хрватскиот парламент го изгласа законот минатата недела, оправдувајќи го со потребата за јакнење на одбранбените капацитети во услови на зголемени глобални безбедносни ризици, вклучувајќи ја и руската инвазија врз Украина. Министрот за одбрана Иван Анушиќ изјави дека земјата „сведочи на растечки број закани што бараат брза и ефективна акција на целата заедница“.

Според новиот систем, околу 18.000 млади мажи ќе се повикуваат секоја година на двомесечна основна воена обука, додека жените ќе бидат ослободени од задолжителна служба. Тие што ќе одбијат поради приговор на совеста, ќе можат да служат три до четири месеци во цивилни служби, како што се тимови за одговор на катастрофи.

Воените обврзници ќе добиваат месечен надомест од 1.100 евра, а одслужениот рок ќе им донесува предност при вработување во јавниот сектор.

Од опозициските партии веќе пристигнаа критики, кои укажуваат дека законот е дискриминаторен кон жените и кон лицата кои избираат цивилна служба, бидејќи тие ќе добиваат по-ниска плата и без дополнителни бенефиции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни