Хрватска во февруари забележа најголем пад на индустриското производство во Европската унија, што е во контрадикција со знаците за стабилен опоравок на европско ниво, покажуваат податоците на европскиот статистички завод, пренесува агенцијата Хина.
На ниво на еврозоната, сезонски прилагоденото индустриско производство пораснало е во февруари за 1,1 отсто во однос на јануари, кога беше ревидирано да се зголеми за 0,6 отсто, пресметале статистичарите. На ниво на ЕУ е зголемено за 1 отсто, по ревидираниот раст од 0,1 отсто на почетокот на годината.
Најголем пораст на месечно ниво во февруари е забележан во производството на нетрајни потрошувачки добра, со раст од 2,8 отсто во еврозоната и 2,8 отсто во ЕУ. Следува секторот на капитални добра со пораст на производството за 0,8 отсто во еврозоната и 0,9 отсто во ЕУ.
Производството на енергија е намалено во зоната на примената на заедничката европска валута за 0,3 отсто во однос на јануари, додека на ниво на Унијата се зголемило за 0,8 отсто.
И еврозоната и ЕУ забележале пад на производството во секторот на трајни потрошувачки добра, за 0,2 односно 0,3 отсто во однос на јануари.
Далеку најголемиот раст на индустриското производство на месечно ниво бил забележан во февруари во Ирска, за 10,8 отсто, покажуваат податоците на Евростат. Следуваат Белгија и Луксембург каде што се зголемило за 7,4 односно 6,3 отсто.
Најголемиот пад на индустриското производство бил забележан во февруари во Хрватска, за 3,9 отсто во однос на јануари, кога бил пораснат за 2,1 отсто. Блиску до Хрватска е Грција со пад на производството на месечно ниво за 3,6 отсто.
Годишното споредување покажува дека европското индустриско производство во февруари пораснало прв пат во речиси две години, и тоа за 1,2 отсто во еврозоната и 0,6 отсто во ЕУ. Во јануари се намалило за 0,5 отсто во зоната на примената на заедничката европска валута и за 0,6 отсто на ниво на Унијата, покажуваат ревидираните податоци на Евростат.
Најголемиот раст се бележи во секторот на нетрајни потрошувачки добра на двете области, за 9,7 отсто во еврозоната и за 8,1 отсто во ЕУ. Следува енергетскиот сектор со зголемување на производството во двете области за 1,4 отсто.
Најголемиот пад на производството во еврозоната го забележал секторот на интермедијарни добра, за 2,7 отсто, а блиску е и секторот на трајни потрошувачки добра со пад на производството за 2,3 отсто.