По убиството на првооделенчено во Загреб

Хрватска прогласи ден на жалост по убиството на седумгодишното дете

Во Хрватска денес е прогласен Ден на жалост по повод трагичниот напад над учениците и вработените во Основното училиште Пречко.

Денот на жалост се одбележува со истакнување на знамето на Република Хрватска на пола копје на сите згради каде се сместени органите на државната власт и органите на единиците на локалната самоуправа, како и на зградите каде што е седиштето или се извршува дејноста на правни лица, односно каде физички лица извршуваат самостојна дејност.

Денес нема да се одржуваат забавни приредби, а правните лица кои вршат телевизиска и радио дејност треба да ги прилагодат своите програми на одбележувањето на денот на жалост, особено така што ќе емитуваат програми кои по својата природа одговараат на одбележувањето на тој ден.

Во исто време три образовни синдикати – Синдикатот на хрватски учители, Синдикатот Препород и Независниот синдикат на вработените во средните училишта на Хрватска – најавија дека во понеделник, на 23 декември во 18:00 ќе организираат мирен протестен марш „За сигурно училиште“ во центарот на Загреб.

Вчера утрото нешто пред 10 часот помлад маж ја повреди учителката и неколку ученици во ОШ Пречко. Едно седумгодишно дете беше убиено во нападот, а пет лица се повредени, меѓу кои тројца деца, учителката и убиецот.

Трите деца и учителката кои се повредени се пренесени во неколку болници во Загреб. Деветнаесетгодишниот напаѓач, кој веќе бил евидентиран поради психички нарушувања и се лечел во Клиниката за психијатрија Свети Иван на Јанкомир, по нападот во училиштето побегнал во близината на зградата на Домот на здравје и сам се повредил со нож. Полицијата брзо го уапсила, а тој бил пренесен во Клиничката болница Свети Дух. И покрај повредите, никој од примениците во болниците не бил во животна опасност.

Поради трагичниот настан, синоќа граѓаните се собираа на училишното игралиште, каде палеа свеќи.

Главниот директор на полицијата Никола Милина синоќа изјави за Нова ТВ дека ќе може да се зборува за мотивот по криминалистичкото истражување. Тој раскажа дека полицијата брзо пристигнала на местото на настанот и во соработка со граѓаните брзо го лоцирале напаѓачот, кого потоа го уапсиле.

Началникот на загребската полиција, Марко Рашиќ, рече дека очeвидот на местото на злосторството бил завршен, а сè уште се спроведуваат „определени доказни дејства“ и понатамошни криминалистички истражувања.

На прашањето дали некој имал информација што напаѓачот планирал, Рашиќ одговори дека никој немал никакви информации. „Сите факти ќе бидат утврдени и многу брзо ќе имаме сложен мозаик за тоа што се случувало во училиштето“, изјави тој.

„Дојавата ја добивме во 9:49, а веќе во 10:01 полицијата го забележала извршителот. Пристапивме кон неговото апсење. При апсењето се обидел да изврши самоубиство, во што го спречиле полициските службеници“, рече Рашиќ.
Напаѓачот е во болница и го чува полицијата, а истражителите ќе разговараат со него откако ќе се опорави.

Познато е дека извршителот ја посетувал ОШ Пречко, но треба да се утврдат сите информации за да се може да се зборува за мотивот и поврзаноста со злосторството. „Станува збор за одредени психички тешкотии и лечења. Сè ќе биде утврдено, полицијата ќе спроведе истражување и ќе ја информира ДОРХ“, изјави Милина.

Медиумите пренесуваат дека мајката на напаѓачот се извинувала за синот и дека неколку пати бил на психијатрија на Јанкомир, каде наводно предупредувала лекари да го задржат за лекување, но тие го испратиле дома.

Рашиќ прецизираше дека 19-годишниот напаѓач ќе биде пријавен за тешко убиство и за четири кривични дела обид за тешко убиство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни