Хрватска повторно воведува задолжителен воен рок

Воените касарни во Книн, Слуњ и Пожега се веќе подготвени, опремени со нови кревети, униформи и потребна логистика. Останува само државниот врв да ги усогласи деталите за измените во Законот за одбрана. Со оглед на тоа што премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ повторно комуницираат, можно е во наредните месеци да започне постапката за усвојување на законските измени во Саборот. Доколку се одобри, првата група регрути би можела да биде упатена на обука до летото.

Министерот за одбрана Иван Анушиќ изјави дека се е подготвено за основна воена обука од осум недели. „Воените обврзници ќе стекнат потребни знаења за служба, а по обуката ќе имаат можност да останат во Хрватската војска. Оние кои нема да продолжат ќе бидат упатени во резервниот состав,“ рече Анушиќ.

Се проценува дека годишно од 4.000 до 5.000 млади ќе поминуваат низ обуката, што ќе ја чини државата околу 20 милиони евра. Во моментов, Хрватска има околу 18.000 резервисти, но со враќањето на задолжителниот воен рок, тој број значително ќе се зголеми.


Сепак, остануваат неколку нерешени прашања, особено во однос на оние кои ќе одбијат да носат оружје. Претседателот Милановиќ предлага итно заседание на Советот за одбрана за да се разјаснат сите отворени прашања и процедурите да бидат завршени пред летната пауза во парламентот.

Годишно околу 19.000 млади Хрвати полнат 18 години и се запишуваат во воениот регистар. Оние кои продолжуваат со образование ќе имаат одложување на воениот рок, додека останатите ќе добијат повик. Жените нема да имаат обврска, но ќе можат доброволно да се пријават. За учеството во осумнеделната обука е предвидена и финансиска надокнада.

Јавноста е поделена – додека некои сметаат дека воениот рок е неопходен поради безбедносните предизвици, анкетите покажуваат дека повеќето граѓани се против задолжителната служба. Мнозинството предлага да остане сегашниот систем, каде што воената обука е доброволна. Претходно беше предложено обуката да трае три месеци, но поради финансиски и организациски причини, оваа идеја беше отфрлена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни