Хрватска реагираше на препораката на Србија до своите граѓани да патуваат во таа земја само во случај на крајна нужда, нагласувајќи дека станува збор за една од најбезбедните држави во Европа.
Хрватското Министерство за надворешни и европски работи соопшти дека земјата е членка на Европската Унија, НАТО и Шенген зоната и дека, според податоците на Евростат, се вбројува меѓу најбезбедните земји на континентот.
„Хрватска секоја година пречекува милиони посетители и редовно бележи успешни туристички сезони“, наведува министерството во објава на социјалната мрежа X.
Реакцијата следува откако српското Министерство за надворешни работи ги предупреди своите граѓани да патуваат во Хрватска само доколку е неопходно, повикувајќи се на „зачестени инциденти, тензии и неповолни безбедносни околности“.
Во рамките на системот за препораки за патување, Србија ја означи Хрватска со „портокалова“ категорија – ниво што обично подразбира зголемена претпазливост при патување.
Хрватското министерство, иако директно не ја спомена Србија, посочи дека Хрватска е единствената европска земја ставена во таа категорија.
„Нашето искуство покажува дека кога се објавуваат вакви препораки, често се случува токму тогаш да има повеќе туристи од тие земји“, наведуваат од министерството, нарекувајќи ја ситуацијата „класичен ефект на забрането овошје“.
Во објавата се додава и иронична забелешка дека „најголемата напнатост“ во Хрватска во моментов е изборот меѓу јадранскиот брег и винските патишта во внатрешноста на земјата.