Владата на Република Хрватска на 6 ноември 2025 донесе одлука за воведување на „Културна картичка“ – нов модел на поддршка кој им овозможува на сите млади што ќе наполнат 18 години по 1 јануари 2026 право на финансиска поддршка во износ од 100 евра за користење културни содржини. Средствата можат да се искористат во рок од една година од денот на полнолетството.
Со оваа мерка Министерството за култура и медиуми сака да го поттикне поголемото учество на младите во културните настани, да ја зголеми достапноста на културата и уметноста и да создаде трајна навика кај младата публика. „Културната картичка“ е замислена како поттик за развој на културни навики и за охрабрување на младите да ги откриваат различните форми на уметнички израз.
Целта е младите да добијат универзален, модерен и лесно достапен начин да дојдат во допир со книжевност, театар, музика, филм, музејски програми и други културни содржини. Поддршката може да се користи за купи книги, влезници за музеи, театри, концерти, кино-проекции и други активности по сопствен избор.
Мерката, истовремено, треба да ја зајакне и комуникацијата меѓу културните институции и младата публика, особено во сегменти каде што учеството на младите е традиционално ниско. Воведувањето на „Културната картичка“ е одговор на воочениот проблем дека младите поретко учествуваат во културни случувања, а често не постојат доволно развиени механизми што ги поврзуваат со институциите на културата.
Според хрватското Министерство за култура и медиуми, мерката ќе помогне и во деконцентрација на културните содржини – бидејќи картичката ќе може да се користи во сите делови на земјата, што го поддржува стратешкиот приоритет за поголема културна достапност во руралните и помалите средини.
Програмата е усогласена со повеќе тековни национални стратегии за млади и за култура. Таа е комплементарна на мерките за развој на публика што Министерството ги спроведува од 2018 година и на програмата „Ранец полн култура“, која функционира од 2014 година. „Културната картичка“ е вклучена и во Програмата на Владата на Хрватска 2024–2028, а ќе биде дел и од идниот Национален програм за млади 2026–2030, насочен кон создавање поттикнувачка средина за развој на младите.
Со оваа мерка Хрватска ја засилува политиката за поддршка на младите и ја позиционира културата како клучен дел од младинското образование, раст и развој.
