Сите седум хрватски војници кои биле ангажирани во мисија во Ирак се евакуирани и веќе се на пат кон Хрватска, соопшти кабинетот на претседателот Зоран Милановиќ. Одлуката за повлекување на припадниците на вооружените сили од Ирак и Либан е донесена веднаш по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, кој се прошири и во овие земји.
„Повлекувањето е спроведено согласно одлуката на претседателот и врховен командант“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека хрватскиот војник кој бил распореден во Либан бил безбедно евакуиран уште пред една недела.
Ескалацијата на тензиите започна кон крајот на февруари со интензивирани напади во регионот, по што следуваше серија од одговори со дронови и ракети, што дополнително ја зголеми нестабилноста. Конфликтот се прошири и кон земјите од Заливот, каде што има присуство на меѓународни воени сили.