Ова колумна е своевидно продолжение на претходната којашто во фокус ги стави концептите за време што се провлекувале низ популарната култура. Перцепцијата за времето од индустријализацијата па навака е драстично променета, за добро или за лошо но, она што останува непроменето е неговото мистифицирање.
Марк Фишер и неговите k-punk блогови чинам ме заробиле но, исто така и ме ослободиле. Иако повеќе не е меѓу нас, неговите досегнувања со хуман порив треперат низ нештата што не нѐ оставаат на мира а, сме ги приватизирале и интимизирале до одјава во краток миг без повраток. Неговите списи за депресијата и неговата борба – депресијата да ја осветли како колективна, општествена тегоба и последица од доцниот капиталистички начин на живот, се базираат на академско и лично искуство.
Една година по неговата смрт (јули, 2017), ќе биде објавено првото издание на колективниот научен текст за временската дијагноза на забрзаното општество и преоптоварениот (пренапрегнатиот) субјект: Das Überfordete Subjekt, Zeitdiagnose einer beschleunigten Gesellschaft: Thomas Fuchs, Lukas Iwer, Stefano Micali, Suhrkamp, 2018. Томас Фукс, психијатар и филозоф од академски и клинички размери, ја сврствува дијагнозата на модерниот човек во хронопатологија.
Без референци на Марк Фишер (којшто и самиот боледувал од депресија), Фукс ја потврдува неговата теза, дека депресијата не е лична работа и пад, туку колективна реакција како ретардација или декомпензација и симптом на украдено или изгубено време што се наплаќа преку телото на поединецот во доцното капиталистичкото општество. Приватизација на стресот а, со тоа и на депресијата, е една од најболните формулации на Mark Fisher што Фукс ја потврдува со својата интелектуална и клиничка зрелост.
Неговото излагање за временската дијагноза, го започнува со потсетување дека депресијата ѝ била позната и на антиката и дека се сметала за пореметување на временоста или доживувањето на времето – меланхолија. Депресивните луѓе патат од успорување и отуѓување на субјективно доживеаното време. Можностите за иднината се чинат заклучени и недостапни и на нивно место доаѓа ужасно чувство на минливост во кое се струполоуваат сите минати неуспеси, потфрлања и пропуштени шанси, вина, и едно големо предоцна за сѐ – ужасно владеење на линеарното време. Но, ова не е само индивидуално пореметување на временоста туку десинхронизација од заедничкото социјално време.
Длабоката депресија го влече човекот наназад, барем така се чини, и личноста веќе не е во состојба навремено да ги извржува своите обврски и како што би рекла една пациентка на Фукс: Мојот внатрешен часовник стои, додека часовникот на сите други оди напред. Не постигнувам да направам ништо на време, како да крадам време.
За да се разбере природата на депресијата најважно е да се земат во предвид процесите коишто го карактеризираат животот на човекот на биолошко и општествено ниво – синхронизација, десинхронизација и ресинхронизација. Овие процеси ѝ овозможуваат на единката циклично да ги надоместува состојбите на дефицит без коишто животот е невозможен. Примери за ресинхронизирање се спиењето, регенерацијата и опоравувањето на биолошко ниво и процесите на тагување, соочување со загуба, помирување, на психолошко ниво. Повторувањето на овие процеси го карактеризираат цикличното време и токму тоа е предуслов за одржување на хомеостазата и социјалниот живот на единката.
Депресијата претставува десинхронизирање на телото и умот од неговата околина. Чувството дека сите други и целото општество се движи пребрзо за капацитетите на исцрпената личност, е симптом на запаѓање во режимот на линеарното време кое се доживува како нешто неповратно и секоја шанса што нѐ одминува е загубена битка. Од другата страна на депресијата е манијата и постојаното себеексплоатирање на физолошко и општествено ниво за да се задржи социјалниот статус и идеалот на живот во изобилство. Оттука се доаѓа до синдромите ‘предоцна’ или ‘прерано’.
Ако депресијата е декомпензација на исцрпеноста од забрзувачките начини на производство и пореметување на интерсубјективното време со постојаното чувство на каскање зад другите и светот, манијата се карактеризира со доживување на заедничкото време како нешто споро и тромаво. Забрзување на сопственото време наспроти заедничкото, што се чини дека тече преспоро. И во овој случај се работи за десинхронизација, со тоа што тука се чини дека заедничкото време и општесвените процеси се движат преспоро за единката што станува нетрпелива, пати од досада и немир. Во обата случаи станува збор за неможност за синхронизација со заедничкото време и општествените динамики.
Депресијата и манијата како чин на десинхронизација, настануваат како реакција на општесвените динамики. Фукс вели дека: Интерсубјективните временски уредувања се всушност односите помеѓу индивидуалните и социјалните процеси што се карактеризираат со ресинхронирања и десинхронизирања во циклуси. Линеарното време ги исцрпува ресурсите на единката што може да се обноват само циклично. Еден пример за ова е така честиот burn out што може да доведе до целосна депресија. Исцрпеноста доведува до комплетно прегорување и запаѓањето во депресија е своевидна декомпензација.
Клиничката пракса вели дека меланхоличниот тип на личност повеќе не е најчестиот тип што ѝ подлегнува на депресијата. Од втората половина на дваесеттиот век преовладува нарцистичниот тип на личност. Додека меланхоликот го чувсвува времето како неотплатлив долг и живее во теророт на грижата на совест од пропуштени прилики, нарцистичкиот тип си има работа со срамот од неуспех, од потфрлање и неостварување на високо зацртаните идеали. Недоволната признаеност на индивидуалните подвизи и инвестирано време доведува до чувство на инсуфициентност и отфрленост.
Депресијата е болест на општеството чии норми не се базираат на себедисциплина и свест туку на идеал што ги намамува луѓето да се исцрпуваат во манијата и да станат крадци на иднината или отпадници од времето.