Долгорочните пушачи често имаат хронична кашлица на која може да се навикнат, како и отежнато дишење по качувањето по скали, но овие симптоми треба да се сфатат сериозно бидејќи може да бидат знаци на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), предупредува германскиот Сојузен Центар за здравствена едукација (БЗгА).
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека во повеќе од 70 проценти од случаите, пациентите со ХОББ се пушачи на тутун во земјите со високи приходи. Почесто погодени од подмолното белодробно заболување се жените.
Типичните симптоми на ХОББ, како што се постојана кашлица со слуз и отежнато дишење, се јавуваат поради стеснување на дишните патишта што се јавува како резултат на воспаление предизвикано од долготрајна иритација од чад од тутун, загадување на воздухот итн.
Значи, доколку редовно отежнато дишете и постојано имате кашлица, БЗгА советува да ве прегледа лекар кој може да направи пулмонален функционален тест. Тестот го мери волуменот на белите дробови, капацитетот и размената на гасови, а особено нискиот резултат може да биде знак за ХОББ.
Постојат четири фази на ХОББ: блага, умерена, тешка и многу тешка. Во последната фаза, дишењето се отежнува и при секојдневните активности, а на пациентите им е потребно дополнително снабдување со кислород, велат од БЗгА. На пациентите често им се препишуваат инхалатори со лек за проширување на дишните патишта.
За пушачите со ХОББ, откажувањето од пушењето може да ги ублажи симптомите и да го подобри квалитетот на животот и да ја забави прогресијата на болеста. Сепак, болеста не може да се излечи, посочува Информативната служба за бели дробови на германскиот институт за истражување Хелмхолц Минхен.
Се разбира, откажувањето од пушење е полесно да се каже отколку да се направи, затоа BZgA препорачува стручна помош.