Хрка: Нема да го прекинам штрајкот со глад додека институциите не почнат да си ја вршат работата

Мајката на загинатиот Стефан Хрка, деветти ден без храна, порачува дека нема да се откаже од протестот.

Дијана Хрка, мајката на Стефан — едно од шеснаесетте загинати лица при падот на надстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, веќе девет дена штрајкува со глад во близина на кампот „Ќациленд“. Во изјава за телевизијата N1, таа изјави дека се чувствува изнемоштено, но дека не планира да се повлече сè додека, како што рече, „институциите не почнат да си ја вршат работата“.

Според нејзините зборови, утрово кон нејзиниот шатор бил фрлен „топовски удар“. „Само сакам да ја прашам полицијата – од каде на ‘чаците’ топовски удар? Дали сакаат да ме исплашат? Што сакаат тие?“, праша Хрка револтирано.

Таа додаде дека собраните во „Чациленд“ секоја вечер добиваат дневници и оцени дека овој инцидент е „капката што ја прелеала чашата“. „Од утрово никој не реагираше на овој напад. Тие велат дека студентите се лоши, а студентите се златни“, изјави Хрка.

Мајката на Стефан го започна штрајкот на 2 ноември, ден по комеморативниот собир по повод годишнината од трагедијата во која загина нејзиниот син. Таа бара процесна одговорност за сите виновни, ослободување на притворените студенти и распишување на вонредни парламентарни избори.

Хрка вели дека единствената нејзина цел е правдата за нејзиниот син и за сите жртви на трагедијата што, како што тврди, е „директен резултат на системска небрежност и политичка неодговорност“.

Во меѓувреме, српските власти сè уште не излегоа со официјална реакција за настанот со фрлениот проектил врз нејзиниот шатор. Од N1 наведуваат дека лекар ја прегледал Дијана Хрка и дека во тек се дополнителни здравствени проверки.

Извор: Meta.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни