„Femme Fatale“ на Христина Мазнеска – изложба за женската сила, страв и страст

Визуелната уметница Христина Мазнеска ја отвора својата самостојна изложба „Femme Fatale“ на 3 ноември во Културниот центар „Јадро“ во Скопје.

Во понеделник, 3 ноември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Културниот Центар „Јадро“ во Скопје ќе биде отворена самостојната изложба на визуелната уметница Христина Мазнеска, насловена „Femme Fatale“. Изложбата ќе трае до 9 ноември 2025 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Циклусот „Femme Fatale“ опфаќа цртежи на женски портрети, дигитално обработени, во кои уметницата истражува различни визуелни пристапи – од реализам и идеализирана естетика, до постекспресионистички и ворхоловски манир. Преку овие дела, Мазнеска создава современа и психолошки набиена интерпретација на жената како симбол на моќ, ранливост и интрига.

Историчарот на уметност и куратор на изложбата, Марјан Минов, во својата кураторска белешка истакнува:
„Таа femme fatale во себе носи длабок психолошки наратив. Тој продорен женски поглед во себе крие мигови на страв, самодоверба, интуитивност, скриена желба и страст. Таа е способна да го носи своето бреме, да се соочи со предизвиците, да ги надмине и да опстои – како симбол на женската сила што го тера и најтврдокорниот маж да коленичи пред неа.“

Христина Мазнеска е родена во Прилеп во 1995 година. Средното образование го завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, а дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2018 година, на отсекот сликарство – модул графички дизајн. За време на студиите е добитничка на стипендии за студиски престои во Загреб и Будимпешта, а нејзиното портфолио вклучува бројни групни изложби, фестивали, награди и креативни проекти. Покрај сликарството, се занимава и со дигитална уметност, илустрација и графички дизајн.

Изложбата „Femme Fatale“ ја претставува жената како архетип и современ симбол, прикажана преку палета на емоции што се движат меѓу ранливост и сила, меѓу желба и отпор – поглед што истовремено привлекува и ослободува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни