Храната што нè прави попривлечни

Начинот на кој мирисаме не зависи само од хигиената или гените и храната игра огромна улога во тоа како нè перцепираат другите.

Според истражувањата објавени од BBC и водечките универзитети во Шкотска и Чешка, одредени намирници можат да го направат нашиот природен мирис попривлечен додека други имаат спротивен ефект.

Две патеки до телесниот мирис

Како што објаснува д-р Лина Бегдаче од Универзитетот во Њујорк, храната влијае на мирисот преку цревата и кожата.

Во дигестивниот систем, бактериите разградуваат соединенија кои потоа создаваат гасови што можат да предизвикаат лош здив.

Истовремено, некои соединенија патуваат низ крвотокот и се исфрлаат преку потта, каде што кожните бактерии го создаваат карактеристичниот телесен мирис.

Мирисот на зеленчукот и овошјето

Иако брокулата, зелката и лукот се богати со сулфурни соединенија кои можат да создадат непријатен мирис, изненадувачки, студиите покажуваат дека лукот го прави мирисот на потта попривлечен. Жените кои мирисале пот од мажи што консумирале повеќе лук, го оцениле нивниот мирис како „попријатен и попривлечен“, најверојатно поради антиоксидативните и антимикробни својства на оваа намирница.

Од друга страна, исхраната богата со овошје и зеленчук создава пофлорален и посладок телесен мирис. Австралиска студија од 2017 година потврди дека мажите кои консумирале повеќе каротеноиди (соединенија во моркови, тикви и домати) биле оценети како попривлечни.

Месо, риба и јаглехидрати

Истражување на Чарлс Универзитетот во Прага откри дека месото може да го влоши телесниот мирис, мажите кои се хранеле без месо мирисале „попријатно и помалку интензивно“.
Рибата и гравот, пак, содржат соединенија како триметиламин кои можат да создадат „рибест“ мирис, особено кај луѓе со генетска чувствителност.

Јаглехидратната исхрана е поврзана со „најмалку привлечен мирис“, додека умерена количина протеини и масти резултира со порамномерен и поприроден телесен мирис.

Алкохол, кафе и постење

Алкохолот создава остар мирис на кожата и здивот поради соединението ацеталдехид, а кафето ја поттикнува потната секреција, што може да ја засили бактеријалната активност на кожата. Интересно, експерименти покажуваат дека жените кои постеле 48 часа имале попривлечен мирис на пот но и полош здив.

Телесниот мирис е уникатен биолошки потпис иако гените и хормоните играат главна улога, нашата исхрана може да ја засили или да ја пригуши природната привлечност.
Со умерен внес на зеленчук, овошје и природни антиоксиданси и без претерување со месо, алкохол и шеќери – телото мириса не само поздраво, туку и попривлечно.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни