Лекарите предупредуваат дека ултрапреработената храна станува сè поголем ризик за здравјето, а дел од експертите сметаат дека последиците од лошата исхрана веќе го надминуваат и ефектот на тутунот врз прераната смртност. Во центарот на вниманието не се само шеќерот, мастите и солта, туку целиот систем на индустриски произведена храна што секојдневно доминира во исхраната.
Ултрапреработената храна опфаќа производи што поминуваат низ повеќе индустриски фази на обработка и често содржат адитиви, емулгатори, засладувачи, ароми и состојки што тешко би ги имале во домашна кујна. Во оваа група често влегуваат алкохолни пијалаци, газирани и енергетски пијалаци, индустриски сокови и засладени ладни чаеви, чоколатца, бонбони, бисквити, чипс, смоки и други индустриски грицки, инстант супи и готови јадења, виршли, салами, пилешки медалјони и нагетси, паштети и разни месни преработки, спакуван бел и тост-леб со многу адитиви, дел од таканаречените „фит“ или „протеински“ пецива и плочки, засладени јогурти, пудинзи и десерти, индустриски житарки за појадок, маргарини и преработени намази, смрзнати пици, готови сендвичи, како и сосови и преливи со долг список на состојки.
Проблемот, според сè поголем број истражувања, не е само во тоа што ваквата храна често е сиромашна со влакна и хранливи материи, туку и во тоа што нејзината честа консумација е поврзана со широк спектар здравствени последици.
Голем преглед објавен во The BMJ во 2024 година, кој ги сумираше резултатите од 45 мета-анализи и податоци од речиси 10 милиони луѓе, покажа дека повисок внес на ултрапреработена храна е директно поврзан со 32 здравствени исходи, при што најсилни докази има за кардиометаболни проблеми, нарушувања на менталното здравје и вкупна смртност.
Слично укажуваат и поновите научни прегледи. Текст објавен во 2026 година во PubMed Central наведува дека консумацијата на ултрапреработена храна е поврзана со пораст на хронични незаразни болести и со повисок ризик од смртност, а авторите посочуваат и поврзаност со нарушувања во менталното здравје.
Во позадина на целата дебата е и прашањето на достапност. Поквалитетната и помалку обработена храна често е поскапа и потешко достапна за луѓето со пониски приходи, додека индустриски произведените производи се евтини, брзи и агресивно присутни во секојдневието.
Токму затоа темата за ултрапреработената храна не е само личен избор, туку и прашање на јавно здравје, пазарна регулација и социјална нееднаквост. WHO во 2025 година соопшти дека формира посебна група за развој на насоки токму за ултрапреработена храна, што покажува дека темата станува сè поважна и на ниво на глобални здравствени политики.