Храна поради која можете да паднете на алкотест и без алкохол

Иако не сте пиеле алкохол, одредени намирници можат привремено да дадат лажно позитивен резултат на алкотест, предупредуваат експертите.

Возачите често веруваат дека алкотестот може да покаже позитивен резултат само доколку консумирале алкохол. Сепак, постојат ситуации во кои резултатот може да биде лажно позитивен, и тоа поради храна која изгледа целосно безопасна.

Таков случај е забележан и во Кина, каде што еден возач бил запрен и тестиран, а апаратот покажал ниво на алкохол над дозволената граница. Иако тој тврдел дека не пиел, дополнителната анализа на крвта потврдила дека бил целосно трезен. Подоцна се покажало дека непосредно пред тестирањето изел голема количина дурјан.

Дурјанот, овошје познато по исклучително силниот мирис, содржи природни хемиски соединенија и шеќери кои можат да предизвикаат краткотрајна ферментација во устата и дигестивниот систем. Доколку алкотестот се направи веднаш по консумирањето, можно е да се регистрира привремен алкохол.

Сличен ефект може да се појави и по јадење ананас или папаја, особено ако се многу зрели. Кај бананите и грозјето, процесот на ферментација во желудникот може да произведе мали количини алкохол, но за реално да се добие позитивен резултат, би требало да се изеде исклучително голема количина.

Почести во секојдневието се лебот и колачите. Тие содржат квасец, кој при ферментација создава минимални количини алкохол. Во одредени случаи, особено ако тестирањето се изврши веднаш по јадење, може да останат траги кои алкотестот ги регистрира.

Во некои десерти се користи и екстракт од ванила, кој содржи околу 35 проценти алкохол. Иако ефектот е краткотраен и обично исчезнува по петнаесетина минути, непосредно по консумирање може да влијае на резултатот.

Од друга страна, семките од афион нема да влијаат на алкотест, но можат да предизвикаат позитивен резултат на тест за дроги. Тие природно можат да содржат микроскопски траги на морфиум, па прекумерната консумација понекогаш доведува до проблеми при вакви контроли.

Експертите советуваат, доколку возачот е сигурен дека не консумирал алкохол, а алкотестот покаже поинаков резултат, да побара повторно тестирање или анализа на крвта, која се смета за најпрецизна метода.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни